Тој е најмладиот член на УО на РФМ. Меѓу професионалниот ракомет, адвокатурата и семејниот бизнис се решава да остане покрај семејството. Една повреда ќе го натера прерано да се откаже од играњето, но затоа „ракометната инфицираноста“ остана и продолжи како спонзор во неговата нова приказна – РК Бутел. Има идеи размислувања, желби за Спортски Центар во Бутел како место за сите спортови. Можеби и за формирање на женски тим. Ништо не е исклучено. За европски резултати треба и пари. Ваучерскиот систем е добар, но недоволен, потребни се подобрувања.
За пет сезони екипата на Бутел успеа од формирање експресно да ја скокне првата лига и да влезе во елитното ракометно друштво во Македонија. Четири сезони е дел од машката Супер лига, а веќе двапати играше во Европските купови и двапати беше дел од Ф4 турнирите во домашниот Куп. Растот на екипата и постигнатите резултати можеби одат побрзо од замислата на управата и спонзорот, но секој успех значи и остварување на сонот, и креирање на нова цел што треба да се оствари.
Спомнувањето на РК Бутел, постарите секако ќе ги потсети на играњето ракомет на асфалт, на многу имиња кои некогаш тука ги покажувале мајсториите пред да заминат во некој друг клуб, на големите ривалства кои постоеја во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Сегашниот тим на Бутел е една нова приказна која треба да придонесе за враќање на ракометот во делот од Скопје што е желен за спорт, за полни трибини, за успех, да помогне во „заразувањето“ на младите со овој спорт. Со идејата што ја има и почна да ја реализира Александар Стефанов (34) тргна ракометниот препород на Бутел.
Поранешен ракометар, младински репрезентативец на Македонија, дипломиран правник кој меѓу професионалниот спорт и семејниот бизнис решава да продолжи да му помага на семејството. Но, љубовта кон ракометот е поголема од се. Во колекцијата има и титула и Куп со Металург, настап во европски купови со Пролет. Требаше да биде и дел од младинската репрезентација во 2007 што играше на СП… Една повреда на коленото ќе го натера прерано да се откаже од професионалната игра, но затоа со формирањето на клубот и почетокот на играње во Прва лига, заедно со семејната фирма веднаш се приклучува на бродот наречен „ракометен клуб Бутел“. Како спонзор се обидува да ги обезбеди најдобрите услови за тимот, да може да напредува.
„Ракометот кај нас се уште е далеку од бизнис. Сите сме во ракометот од кеиф. И овој систем на помагање на клубовите донекаде ни отвори можност повеќе да вложиме и почесто, мислам на повеќе фирми. Сакав да почнеме нешто наше, свое, врзано со општината и една од причините беше токму развојот на ракометот. Со години таму стагнираше ракометот. Последниве десетина години немаше ракомет, а на општината и тој реон спортот генерално му требаше нешто ново и на повисоко ниво, го почнуваме разговорот со најмладиот член на УО на РФМ, кој од јануари се вклучи и во работата на Федерацијата.
Но Стефанов не е „староседелец“ во Бутел. Сепак тука расте и сакал да направи нешто корисно за местото каде ги минал детските и тинејџерски денови.
„Роден сум во Аеродром и таму пораснав. На 10 години се селиме во Радишани и таму завршувам основно училиште. Со ракометот се запознав во ОУ „Ацо Шопов“. Првите ракометни наставници беа Лери и Сунчица. Лери Мирчевски, тогаш беше некој надворешен соработник на училиштето, а Сунчица ми беше наставник по физичко воспитување. Почнав во 6 одделение, во тој период имаше мали олимписки игри, национални првенства, општински првенства. Како училиште две години игравме на национално првенство во Кичево и еднаш во Кавадарци. Тогаш немаше младински и кадетски натпревари. Имаше многу екипи, на општинско ниво. Имаше доста екипи и да се стигне на градско ниво требаше навистина да се биде добар“
Веќе сериозно инфициран со ракомет неизбежно е да се продолжи во спортот. За да не патува многу далеку, а сепак да може да тренира добредојдено му е формирањето на новиот клуб во Радишани. Неговиот татко е еден од основачите, и тука почнува сериозно да тренира и професионално да се занимава со спорт.
„Првите професионални почетоци ми се во РК Радишани кој се натпреварува во Прва лига. Прв тренер ни беше Славе Атанасовски. Тоа беше екипа главно составена од играчи од Бутел. Потоа заминувам една сезона во Металург кога тренер е Јовица Цветковиќ. Тогаш клубот ја освојува двојната круна. Јас сум во ростеер во екипа, но не сум меѓу оние што најчесто се на теренот. Веќе со 18-19 години имам и неколку настапи за младинска репрезентација. Продолжувам во Пролет 6-7 години, од што 4 години бев и капитен. Игравме и Европа кога клубот првпат избори место во европските купови. Бев и во Вардар од мојата последната сезона. Тогаш се формираше вториот тим со Пепи Манасков. Почнавме од втора лига, дојдовме во првата лига. Последната година ме мачеше коленото, а го положив и правосудниот испит, отворив адвокатска канцеларија, почнав да помагам во семејниот бизнис и така продолжив“.
Бутел е екипа која откако е во Супер лигата има континуирано добри резултати, и постојано е во врвот. Успесите кои досега ги постигна веќе отвораат нови хоризонти.
„Клубот го гледам на скала повисоко, а зошто не и како дел од СЕХА лига, во некоја група на европски куп. Тоа се желбите, плановите и секако ќе се обидеме да ги оствариме. Ни треба време на сите заедно, поголемо искуство на сите, од менаџерскиот тим, од играчи, заедно да созрееме и да продолжиме да растеме. Сакаме да имаме генерално македонски деца, дел да ги произведеме, да бидат на Бутел, а дел да го надополниме со странци. Но, основата да биде од домашни играчи, смета Стефанов.
Бил играч, сега е дел од управата. Како спонзор има подеднакво тежок дел да им обезбеди услови на ракометарите, на тимот. Условите и буџетот секогаш одат право пропорционално со успехот. Ако има услови и пари – резултатите доаѓаат. А таа синергија ја има во Бутел.
„Играчите гледаат една слика, управата нешто друго. Нормално има многу разлика. Сум бил од едната страна, сега сум од другата. Како играч единствено сакаш добро да одиграш и да се покажеш и нормално на време да добиеш плата, а од друга страна како управа сакаш тимот да игра онака како што ти сакаш и се грижиш за многу повеќе. Имаш еден колектив од 20-30 луѓе па и повеќе за кои треба да се грижиш. Тоа што го има моментално Бутел, можеби го имаат уште само 1-2 клуба во Македонија. Ние имаме наш дом, сала која ни е на располагање 24 часа за тренирање, на сите наши екипи, и сениорската и сите младински. Салата е општинска, но ја имаме добиено на користење. Заедно со Општината ја реновиравме, го сменивме паркетот, осветлување, соблекувални… И најважно за сите клубови е да имаат своја сала. Нашата е во добра кондиција, добри услови. Може непречено да се тренира.
Но, и покрај тоа како расте клубот се појавуваат и други идеи, размислувања, желби. Во тој дел од градот нема некои вистински спортски центар кој би ги собрал не само ракометот, туку и другите спортови на едно место. Сите клубови би добиле уште подобро услови за тренирање и играње.
„ Идеи има, сме разговарале. Ние сме релативно млад клуб. Зошто да не, па дури и еден спортски центар „Бутел“ кој ќе понуди и други активности. Би било добро, за остварливо не дека не е остварливо, желба има. Се тоа би придонело за развој на сите спортови. Но, засега се е само желба, идеја, разговор…
Во моментов има околу 80 ракометари во сите категории од пионерска, кадетска, младинска и сениорска. Треба што побрзо да се преброди овој период и на децата да им се овозможи што побрзо да се вратат на тренинзите.
„Имаме тешка ситуација бидејќи децата немаат натпревари, потешко беше да се тренира. Мораме побрзо да се вратиме во нормала, бидејќи децата заминуваат од спортот. Сакам што повеќе млади да тренираат, да се занимаваат со спорт. Тоа е една од причините поради која сме во спортот. Колку повеќе млади спортуваат, колку повеќе наш производ вклучуваме во тимот толку е сатисфакцијата поголема.
Стефанов знае дека добар буџет тешко се прави, а делумно и сегашниот систем на ваучери овозможува повеќе спонзори да се вклучат, да се привлечат и некои што досега не биле вклучени.
„Ваучерите се добра помош за секој клуб, но не се доволни да го достигнеме тоа европско ниво што го сакаме. Ни треба помош, можеби треба некое подобрување во тој начин на помагање. Но, и она што го прави федерацијата е добар чекор да се привлечат и други спонзори. Со континуирано играње на репрезентацијата на големи натпреварувања, на екипите во Европа. Тоа значи дека сме на добра пат да привлечеме нови спонзори.
Стефанов е најмладиот член на УО на РФМ. Сега го почнува својот 4 годишен мандат во ракометната влада. Идеи за реализација има, а и РФМ сака да слуша и да разменува мислења.
„Јас сум релативно тазе во УО, и покрај ситуацијата сме спречени за почести собирања. Се е он-лајн. Но, УО работи сериозно на секоја тема, и се работи напорно. Резултатите што досега се постигнати кажуваат, не случајно сме најдобрата Федерација во Македонија. Имаме добри идеи и насоки во кои се движиме. Имам разбирање со другите членови, разговараме, дебатираме, размислуваме мислења и идеи. И сето тоа се обидуваме да го реализираме.
Како поранешен играч многу подобро ја разбира ракометната игра, одлуките на терен, промените, начинот на формација на тимот, акциите… И секако темпераментот понекогаш знае да излезе на површина.
„Понекогаш ми доаѓа да скокнам, да влезам на терен, да покажам, хахахах. Многу ми доаѓа. Се обидувам да се воздржам. Го знаеш ракометот, ги знаеш деталите.. Не им се мешам на тренерите и стручниот штаб во однос на играта, но секако знаеме заеднички да муабетиме се секакви теми, па и детали. Да седнеме да разговараме,..
Новата сезона во домашното првенство ќе биде повторно интересна. Се враќаат Вардар и Еурофарм Пелистер. Бутел секако сака да биде во врвот, а конкуренцијата за местата што водат во европските купови жестока.
„Бутел помина еден добар преоден рок, во однос на ротација на играчи. Овој ростер што го има сега и после одиграните пријателски мечеви, Бутел покажа дека годинава ќе биде кандидат и за плејоф и за излез во Европа. Она што јас го сакам, нема да бидам нескромен, е да бидеме трети, па и да чепнеме и некој бод од водечката двојка. Мислам дека имаме добра екипа. Бутел секогаш имал и добра публика, сега и со нив можеме да ги оствариме нашите желби и цели. Тука секогаш треба да внимаваме на Металург, на Пролет, Охрид, Еурофарм 2… Последниве години имаме и некое градско ривалство со Пролет. Тоа носи и квалитет и неизвесност. Сето тоа ќе бидат интересни натпревари.
Играњето во домашното првенство е приоритет, тука се делат титулите, медалите, ама предизвик е да се биде дел од некој европски куп, па и СЕХА лигата. Без разлика што последниве две сезони малку се смени начинот на функционирање на регионалната лига, и за Бутел тоа останува цел за остварување.
„За доброто на македонскиот ракомет сметам дека играњето на сите екипи во домашното првенство е добра да сите да играат. Сите сакаат да ги видат и Вардар и Еурофарм во нивните сали. Тоа дава квалитет. Ако сакаме да имаме нови играчи, и репрезентација ни треба силна лига. СЕХА лигата од аспект на клубовите внатре, е предизвик за сите. Но, да се стигне до таму треба и поголем буџет, повеќе играчи. Секако дека СЕХА голем предизвик и за гледачите и за нас.
Спортот секогаш отвара и нови врати. Полесно се станува по препознатлив. Се појавуваат и други амбиции освен личната сатисфакција.
„Не сум размислувам за тоа. Причината за влегување во ракометната приказна е сосема поинаква, барем така почнавме. Но, секое етаблирање меѓу спортските клубови секогаш може да донесе некој бенефит. Засега љубовта е голема, и верувам ќе остане како голема љубов..
Машкиот ракомет секогаш е поатрактивен, но многумина сметаат дека полесно е со женска екипа да се направат резултати. Малку екипи имаат и машка и женска екипа. За Бутел тоа не е неостварлива идеја.
„Кога тргнавме во приказната и да решивме да влегуваме со ракомет со клуб знаевме дека одиме со машка екипа. За женска екипа, нема да кажам дека не е разговарано. Можно е, не е исклучиво. Сепак засега нема многу да откривам.”
Бутел се уште е во шок од прераната смрт на нивниот млад ракометар Марко Божиновски. Клубот во негова чест сезонава на дресовите ги има иницијалите на младиот ракометар. Веројатно и бројот со неговиот дрес ќе го повлечеме и ставен на почесно место во салата.
„Се уште сме во шок од тоа. Марко беше и ќе остане дел од ова наше семејство. Ќе направиме се да остане сеќавањето на него. Ова е само дел од таа иницијатива. Клубот никогаш нема да го заборави“.