Македонскиот шампион Вардар се подготвува за стартот на новата сезона во Лигата на шампионите и гостувањето кај норвешкиот првак Елверум.
Првата пресметка на домашен терен ќе биде против Мешков Брест, на 22 септември, а клубот веќе ги пушти во продажба сезонските билети.
Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, им се обрати на најверните поддржувачи на „црвено-црните“, и побара од нив да дојдат на трибините во „Јане Сандански“.
„Еве зад мене гледате празна сала, поминаа скоро две години во кои Вардар игра пред празни трибини. Во тек е продажбата на влезниците за новата сезона. Ве замолувам што побрзо да си обезбедите билет, да дојдете, да навивате и му дадете поддршка на Вардар. Без вас Вардар не е Вардар“, порача Вујовиќ.
Вардарци ќе играат в четврток против тимот на Скопје, а в сабота ќе се соочат со Радовиш, пред да заминат за Норвешка на дуел со Елверум.