Ракометарите на Тиквеш после голема борба и неизвесност го совладаа домаќинот на 6. Меморијален турнир Миле Нешкоски, Прилеп со 32:31 и со оваа победа обезбедија пласман во финалето кое ќе се игра утре од 13 часот.
Прилеп одлично го почна натпреварот и во првите пет минути поведе со 4:0. Тиквеш својот прв погодок го постигна во 6. минута, а во продолжението намали на 3:5. Предноста на домаќинот на турнирот брзо се стопи и веќе на средината на првиот дел беше нерешено 6:6.
Тиквеш влезе во добар ритам и со поквалитетна игра стигна до своето прво водство, во 19. минута беше 11:8. Иако тимот од Кавадарци имаше и шест гола предност на одмор заминаа со 17:13.
Во продолжението Тиквеш десетина минути успешно го чуваше водството, но Прилеп во 41. минута успеа да стигне до израмнување на 22:22. До завршните минути се играше израмнето гол за гол и во последните неколку дуелот влезе во неизвесна завршница.
На нешто повеќе од минута до крајот, Прилеп имаше напад за ново водство после подолго време, но не успеаја да реализираат. Двата тима пропуштија уште по еден напад за победа. После тајм-аутот Прилеп не погоди, а за Тиквеш имаше време само голманот Велков да ја упати топката кон празниот гол на противникот што беше доволно за победа и пласман во финалето.