Вардар се уште е во потрага по нов организатор на играта, но засега поради лимитот на странци, неизвесно е дали ќе биде ангажиран.
Претседателот на “црвено-црните”, Михајло Михајловски, откри дека во конкуренција за среден бек е Бразилец што игра во Шпанија.
„Нам ќе ни недостасува уште еден среден бек. Меѓутоа, прописите на РФМ не се баш најјасни. 2016 година е донесена одлука секоја година да се намалува бројот на странци. Ние оваа година ние имаме осум странци, меѓутоа, таму има една клаузула дека може да играат само осум, со три од втора категорија, односно играчи кои немаат минимум десет настапи за репрезентациите и тие да се тие од држави кои се до 15 место рангирани на листата. Што е пропустот во оваа одлука? Не се знае дали на пример сега некој има право да игра. Можеби му истекле пет години и во тек на сезона нема право на игра. Што ако ние се надевавме дека нашите двајца играчи Валчак и Чувара ќе имаат право да играат? Полјаците се 17 место на таа листа, се надеваат дека на првенството во јануари ќе бидат подобри. Но, дали ќе може тие да се сметаат за вториот дел од сезоната во таа квота? Ни следат разговори со РФМ за да се допрецизираат тие одлуки. Ние имавме во комбинација еден среден бек од Бразил. На последно Светското првенство, тимот беше на 18 место, сега на олимпискиот турнир игра меѓу најдобри 12 екипи. По сегашниот пропис, нема право да игра. Ние во секој случај да најдеме среден бек ќе треба да биде многу квалитетен, да биде од најдобрите држави, да има настапи за репрезентација. Тешко се наоѓа од моментот, ама не сме се откажале од идејата да се најде уште еден среден бек“, изјави Михајловски.
Вардарци утре заминуваат за Магдебург, каде ќе настапат на “Хумел Купот”, а потоа ги чека двомечот со Загреб.