Во првиот четвртфинален дуел на женскиот дел од олимпискиот ракометен турнир во Токио, Русија ја совлада Црна Гора со 32-26 и успешно го продолжи својот пат кон одбрана на титулата од Рио 2016. Ниту Русинките ниту Црногорките не брилираа на овој турнир, сепак Русија покажа далеку повеќе од променливите и на моменти бледи игри на црногорскиот состав.
Русија по воведниот кикс и реми со Бразил и дебаклот против Шведска, се врати на турнирот со големи победи против Унгарија, Франција и Шпанија. На спротивната страна Црна Гора на стартот убедливо ја совлада Ангола, доживеа отрезнувачки пораз од Јапонија, потоа следеше дебакл од составот на Норвешка, победа над Кореа и пораз од Холандија за крај на групната фаза. До четвртфиналето Русија стигна како второпласирана во групата Б, додека Црна Гора беше трета во групата А.
На самиот почеток на елиминацискиот дуел, Русија со моќна одбрана и брза транзиција се одлепи на четири погодоци предност. Ниту тајм-аутот на селекторот на Црна Гора, Бојана Поповиќ не вроди со плод, па разликата се зголеми и до „плус седум“, 6-13 на средина на првиот дел.
Дури во финишот на првото полувреме се разбудија Црногорките. Во тој период Русија постојано играше со играч или два помалку поради исклучувања. Одбраната на избраничките на Бојана Поповиќ беше на вистинско ниво, а нападот конечно ја најде вистинската формула и затоа на полувреме двете селекции заминаа на пауза со резултат 15-17 во корист на Русија.
Вториот дел продолжи со ефикасни напади на двете страни. Полетната Русија делуваше одлично во транзиција и брза реализација, со одлични асистенции и прецизни удари успеа да врати дел од предноста од првиот дел. Голманските интервенции и грешките во напад го менуваа и резултатот на семафорот. Па во 47 минута Бобровникова повторно ги постави високите шест голови предност за Русија, 28-22.
Но, Русинките продолжија со своите проблеми во организација на играта кога имаа играч помалку на терен, затоа и резултатската предност не се зголеми и покрај промашувањата на Црногорките Мугоша и Грбиќ. Радичевиќ беше прецизна од својата половина на празен гол, а Јауковиќ од линијата за седум метри за момент ги вратија возбудувањата на овој дуел и им дадоа зрак надеж дека можеби можат повеќе при резултат 28-24. Но во Русија се врати исклучената ракометарка, а на крилата на фантастичната Вјахирева ја стабилизираа играта што се одрази на резултатот на семафорот.
Во последните четири минути од дуелот кога Русија имаше шест голови предност и исклучена ракометарка, Црна Гора со пресинг во одбраната се обиде да направи чудо на овој дуел. Русинките грешеа во нападот. Радичевиќ постигна два гола набрзина, црногорките имаа шанса да намалат и на „минус три“, но непрецизно додавање кон Мехмедовиќ само ја потврди победата на рускиот состав. Бобровникова стави точка на црногорските надежи на овој дуел за 26-31. До крајот Јауковиќ не успеа да постигне гол за Црна Гора, а Сен го постави конечниот резултат 32-26, за големо славје на Русија.
Најпрецизна на теренот беше Јованка Радичевиќ со 10 голови, ја следеше Јауковиќ со 8. Кај Русинките Вјахирева беше најдобар стрелец со 8 голови, ја следеше Кузнецова со 5
Во полуфиналето Русија ќе го пречека подобриот од дуелот меѓу Норвешка и Унгарија. Црна Гора во четвртфиналето го завршува својот настап на Олимписките игри и допрва ќе треба да направат анализа дали повлекоа вистински потег што не го продолжија договорот со тренерот Ким Расмусен, со кого во олимписките квалификации ја поразија големата Норвешка.