Алборг остана на тронот, направи хет-трик во првенството на Данска

Ракометарите на Алборг ја освоија шампионската титула во првенството на Данска откако во финалната серија беа поуспешни од Силкеборг со 2:1. Во третиот одлучувачки натпревар Алборг славеше сигурна победа со 32:27, па само три дена после финалето во Лигта на шампионите во Келн ракометарите се израдуваа на трофеј.

Ова e трета шампионска титула во низа за екипата која сезонава за првпат играше на завршниот турнир во Келн и загуби во финалето. Со овој триумф Алборг си обезбеди можност да се пријави за настап и за следната сезона во најелитното клупско натпреварување бидејќи Данска нема загарантирано место. Сепак, за очекување е ЕХФ да додели вајлд-карта.

Играчите на Алборг многу рано го решија одлучувачкиот натпревар, а тоа се случи уште на полувремето кога имаа сигурна предност од 17:12. На почетокот на вториот дел победникот беше познат кога Алборг поведе со 21:12, а до крај ракометарите без проблеми стигнаа до победата.

Во клучниот натпревар најефикасен беше Швеѓанецот Клар кој игра за Алборг. Тој средбата ја заврши со девет погодоци, додека Бартхолд постигна шест. Во составот на Силкеборг со по пет гола се истакнаа Богојевиќ, Лингард и Скубе.