Екипата на Ѓорче Петров за новата сезона составува тим кој ќе се бори за место меѓу четирите најдобри екипи во Македонија, а со оглед на состојбата од завршената сезона, нивните шанси би биле остварливи доколку состават квалитетен играчки кадар.
Оваа екипа го носи името на составот кој во минатото беше шампион на Македонија без вистинска конкуренција. Тогаш Кометал Ѓорче Петров згасна набрзо после повлекувањето на спонзорот и неколку години немаше клуб со ова име. Владимир Радиќ кој беше тренер во клубот го активираше ова име во клубот Ѓорче Петров ЖРК, па овој тим сега ќе се обиде да почне да потсетува на некогашниот шампион.
Високите амбиции за новата сезона беа причина и за ангажираше на Оливер Димитриоски како тренер на екипата. Искусниот тренер првпат ќе предводи женска екипа.
Долги години работеше со младинските категории на Металург, но и со сениорскиот состав на тимот од Автокоманда, со кој во 2019 година го освои Купот на Македонија победувајќи го Вардар во финалето, кој потоа вторпат стана освојувач на Лигата на шампионите. Неговото тренерско искуство ќе биде од голема корист за екипата на Ѓорче Петров која сезоната (2020/2021) ја заврши на 12. позиција на табелата.
За 24 Ракомет, Димитриоски говореше за неговиот нов предизвик и за очекувањата од новиот клуб.
„По завршувањето на мојот ангажман во Металург планирав подолга пауза од ракометните терени. Но, челниците на Ѓорче Петров ми ги презентираа плановите на клубот, истите ми се допаднаа и ја прифатив понудата. Првпат ќе бидам тренер на женска екипа, но сметам дека тоа нема да претставува никаков проблем и се надевам на добри резултати”, изјави Димитриоски.
Амбициите на екипата од Ѓорче Петров за новата сезона се пласман меѓу најдобрите и излез на европска сцена. Сепак, зацртаните цели најмногу ќе зависат од финансиската состојба и од играчкиот кадар на клубот.
„Нашата цел ќе биде место меѓу најдобрите четири екипи во Супер лигата и излез на Европска сцена. Повторувам, не атакуваме на првото место, туку пласман меѓу најдобрите четири екипи во новата сезона. Моментално, преговараме со потенцијални засилувања, дел се веќе договорени, со дел се преговара. Самите резултати на екипата нема да зависат само од мене, но ќе зависат и од самата борбеност на играчите и како ќе се одвиваат работите во клубот. Се надевам на добра сезона и долгорочна соработка со екипата. Планираме и меѓународен турнир во текот на месец август, пред почетокот на сезоната и ќе видиме со какви сили располагаме”, заврши Димитриоски.
Промоцијата на новите засилувања во екипата на Ѓорче Петров се очекува да биде пред самото организирање на меѓународниот турнир.
Инаку, Ѓорче Петров прво беше предводен од страна на Владимир Радиќ, а во последните две сезони и од Милева и Ангел Велкови. Оливер Димитриоски им се придружи во работата во финишот од последната сезона, па во новата тој ја презема водечката палка на тренерската позиција.