Ристовска се повреди, но ЦСКА убедлива на патот кон титулата во Русија

Ракометарките на ЦСКА Москва во првиот финален натпревар од плеј-оф фазата во рускиот шампионат одиграа речиси перфектно против тимот на Ростов Дон и забележаа убедлива победа од 30:23.

ЦСКА со голем оптимизам влезе во натпреварот бидејќи во рамките од Купот на Русија доживеа разочарувачка елиминација уште во раната фаза.

Екипата на Ростов Дон беше немоќна во текот на целиот натпревар и заостануваше со висока негатива, најчесто од шест до седум гола.

Уште од самиот старт, избраничките на Олга Акопјан тргнаа фуриозно и лесно доаѓаа до голови. Разликата постепено се зголемуваше за домашната екипа, а на спротивната страна, Пер Јохансон никако не можеше да го пронајде вистинското решение. На полувреме резултатот беше 15:8 за ЦСКА Москва.

Во вториот дел, ЦСКА не ја испушти својата предност, а своја поддршка имаше и од голманката Ана Седојкина која забележа 15 интервенции. Добрите ротации во второто полувреме, но и форсираната одбрана 6-0 на домаќинките беше пресудна за првата добиена битка против Ростов Дон.

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска не го одигра целиот натпревар бидејќи поради повреда во 46. минута мораше да го напушти теренот. Македонката на натпреварот беше стрелец на два гола од исто толку обиди.

Реванш натпреварот помеѓу двете екипи е закажан за 23 мај. ЦСКА е блиску до освојување на првиот трофеј, но ќе треба во Ростов Дон да ја сочува својата предност од денешниот натпревар.