После 12 години и над 50 титули, Чави Пасквал ја напушта Барселона

На крајот од оваа сезона без разлика што ќе се случи на Ф4 турнирот во Келн екипата на Барселона ќе остана без својот тренер Чави Пасквал.

Иако стратегот од Шпанија има договор со клубот до 2022 година очигледно смената на раководството допринесе и за промени кај тренерот на клубот така што тој ќе биде уште еден на списокот на оние кои си заминуваат од екипата.

Во договорот на Пасквал стоеше дека при освојување на Лигата на шампионите неговиот договор ќе биде продолжен, но овој пат самиот одлучи дека е веќе доволно и дека сака да си замине од екипата во која дојде во февруари во 2009 година на местото на Маноло Каденас.

Со Барселона, Пасквал успеа да освои над 50 трофеи, а од нив два беа во Лигата на шампионите во 2011 и во 2015 година.

Се споменува и дека доаѓањето на новото раководство може да е една од причините поради кои Пасквал се одлучил на ваков чекор, а исто така и заминувањето на Арон Палмарсон, кој веќе објави дека на крајот од оваа сезона заминува во тимот на Алборг.