Натпреварот помеѓу Младост Богданци и Јуниор КВ во рамките од 7. коло од плеј-аутот во Супер лигата заврши без победник, 28:28.
Младост беше подобар противник во првиот дел за нијанса и константно одржуваше водство од еден до два гола разлика. При резултат 11:9 за домашната екипа, Јуниор КВ го искористи падот на играта на домаќинот и го намали водството на само еден гол негатива. Но, избраниците на Драган Вурмо преку Роглев, Лошчаков и Динов постигнаа неколку погодоци во низа и заминаа со предност од 17:13 на полувреме.
Јуниор КВ со добрата игра во одбраната во второто полувреме намали на 19:17 и најави интересна завршница. Казната за лошата игра на домаќините стигна со гол на Трајковски, а резултатот на семафорот беше 19:18 во корист за Младост.
Ракометарите на Младост се консолидираа и во 45.минута имаа солидно водство од 23:19. Пешкириски и Крстевски ја вратија екипата на Јуниор КВ во живот. Намалија на 25:24 и најавија возбудувања во финишот. Неизвесноста продолжи до самиот крај, а Трајковски беше успешен за израмнување на резултатот, 26;26.
Во последната минута и двете екипи постигнаа по два гола, а последниот беше дело на ракометарот од Јуниор КВ, Марио Гичев, кој, во последната секунда донесе гол бод за екипата од Скопје.