Хрватските ракометари, стручниот штаб, јавноста, новинарите…се уште не можат да се вратат по шокот синоќа и победата на Португалија над Франција со 29-28, со која тие останаа без пласман на Олимписките игри во Токио.
Ова е првпат по четири настапи по ред, Хрватите на ТВ да ја гледаат Олимпијадата, а иако признаваат дека вината е кај нив, сепак имаат забелешки на однесувањето на Французите и судиите.
„Не смееме многу да им приговориме на Французите за натпреварот. Се бореа, играа разновидно, ама некои поединци навистина се глупираа. Н’гесан на пример се однесуваше како на тренинг, ноншалантно шутираше, непромислено, а една топка му мина и низ нозе па отиде надвор од теренот. Момците на Жил и пораз до седум разлика ги водеше во Токио. Сите бевме свесни дека таков дебакл сепак нема да си дозволат ниту во најлудите соништа“, пишува на „HR Sport“.
Хрватите имаат забелешки и на судиите.
„Нашата најлоша ноќна мора се случи во финишот. Плус три за Фрацнија, 28-25 на четири минути до крајот беше одлично, веќе бевме во мислите во Токио. Во последната минута беше плус еден, 28-27, но Португалија набрзина погоди, а Жил викна тајм-аут. По минута одмор се случи ситуација што предизвикува сомнежи во регуларноста. Германските судии, веднаш штом тргна нападот на Франција кренаа рака за пасивен напад, а поминаа само 18 секунди! Господата судии не ни помислија да погледнат на монитор дали голот на Фрнација за реми беше регуларен или постигнат пред звукот на сирената. Малку сомнително, зарем не? Со теории на завера нема преногу да се занимаваме, само го изнесуваме очигледното…“, се вели во текстот на „HR Sport“.
Следен голем настан на кој ќе се најдат Хрватите е Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.