ИНТЕРВЈУ СТЕВЧЕ АЛУШОВСКИ: Од овој Вардар најдоброто допрва ќе го видиме!

Една од легендите на македонскиот машки ракомет, Стевче Алушовски, во последните година дена се носи со предизвикот предводник на поранешниот двократен европски првак Вардар. Во една нетипична, пандемиска сезона добива многубројни критики на своја сметка, но за него најважни критики се оние од првиот човек на клубот, Михајло Михајловски. Последниве шест месеци како за сите така и за вардарци беа падни-стани, па тоа не им дозволи да го дадат максимумот, слика која стратегот се надева дека ќе ја добиеме за неговиот тим во најважниот дел од сезоната.

Од македонски репрезентативец со најдолг стаж (21 година го носеше дресот на националниот тим) и со најмногу одиграни натпревари, преку ракометар за чие име се врзани најголемите успеси на трите наши бренда – Пелистер, Вардар и Металург, на неполни 41. година Алушовски се одлучува за крај на кариерата. Година дена е на функцијата спортски директор на репрезентацијата, а потоа влегува во тренерски води.

Седум години ја води Академијата Алушовски која од септември лани е ставена во мирување, за преку Пелистер, па Еурофарм Пелистер да расте и да се врати во Вардар (каде играчки има минато десет години, шест како капитен) но сега во една поинаква улога – тренер. Седнува на клупата во можеби најтешкиот период за тимот поради финансиските проблеми, за потоа да се случи принудната пауза поради коронавирусот, па враќање на поранешниот сопственик Михајло Михајловски, кој креира еден „нов“ стабилен Вардар.

„Од секој аспект беа турбулентни изминативе година дена. Особено од кога клубот беше повторно превземен од Михајло Михајловски, во еден тежок, незгоден, пандемиски момент. Со многу нерасчистени долгови кон играчите од старото раководство, голем дел од нив со завршени договори, и оние кои ги имавме во нашите планови со голема скепса прифаќаа нови договори, со новиот претседател. Михајловски е сериозен бизнисмен, вљубеник во ракометот, човек кој 31 година е во Вардар, кој сака да инвестира и на кој му значи клубот и мислам дека тоа е она што влеа доверба во сите нас. Од еден играчки кадар во кој имавме само една постава, од оние носители на играта, кои успеавме да ги задржиме Стоилов, Чупиќ, Дибиров, Дисингер, Калараш се потрудивме, од она што е на пазарот, да направиме конкурентна и респектабилна екипа од македонски репрезентативци и интернационални засилувања. Направивме тим, кој во тој момент беше максимумот, и јас и претседателот бевме задоволни од она што го добивме.“

„Факт е дека играме една нетипична сезона, во која во првиот дел повеќе не игравме отколку што игравме. Реалноста во која функционира спортот, тоа дека ова е Вардар со нов тим и ново раководство, ми дозволува за досега прикажаното да дадам една преодна, задоволителна оценка. Нашите цели за првиот дел од сезоната беа пласман во финале на СЕХА, што го реализиравме, но за жал не ја одбранивме титулата. Не сум задоволен како го одигравме тоа финале со Веспрем, но со оглед на целата ситуација, се баравме и јас како тренер со нов систем и големиот број на нови играчи. Во Лигата на шампионите од десет натпревари, колку што требаше да се одиграат во првата полусезона, договорот беше да освоиме што поголем број на бодови. На стартот Мешков требаше да го добиеме, но несреќно загубивме, потоа победа со Флензбург дома, па реми со Порто и само што почнавме да ја креваме формата, ни се случи ковид-19 или на нам или на некој од нашите противници, и останавме месец дена без натпревар. Во таков амбиент не може да се држи континуитет. Оваа сезона е неприродна за нешто што значи натпреварување и одржување на форма. Постојано беше падни – стани. Потоа одигравме уште два натпревари со Келце и од 18 ноемри бевме во нова изолација поради коронавирусот. Со само пет натпревари ја завршивме полусезоната!“

„Знам дека јавноста е навикната на победи и од навивачите се очекува Вардар да биде најдобар. Сметам дека сите ќе бевме позадоволни и нашите резултати ќе беа подобри ако имавме една нормална сезона. Во ваква, атипична, не можеш да направиш план за следен натпревар, а не пак за полусезоната. Дискутабилно е каде би бил Вардар ако ова беше нормална сезона, затоа што во такви услови ќе ги одигравме сите натпревари како што доаѓаа, ќе растеше формата, а и во ’Јане Сандански’ ќе имаше пет илјади публика. Ние во вакви услови освен со Мешков Брест, сите други дуели дома тесно ги загубевме, а верувам дека ќе ги добиевме ако ја имавме поддршката од публиката. Погледнете ги и последниве месец дена, службено добиваме или губиме натпревари. Добро е што за разлика од претходно полека ја креваме формата, тоа особено се виде на натпреварите со Пик Сегед, и штета е што ги загубивме во последните моменти. Потоа Вујин замина, Јотиќ и Мишевски позитивни на коронавирусот, повреди… Против Мотор бевме некомплетни, едноставно и заморот го направи своето. Од мечот со Мешков Брест сум незадоволен. Една екипа како Вардар не смее да си дозволи, без разлика на противникот и сите проблеми кои ги има, на домашен терен да губи осум разлика на полувреме. Колку и да има или нема резултатско значење тој меч, таков престап е недозволив.“

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ВУЈИН Е НЕГОВА ОДЛУКА

Заминувањето на Вујин од Вардар е само прашање на его? Односно на незадоволството на Вујин што Чупиќ играл како десен бек на неговата позиција? Не помисли клубот на суспензија по едно такво, преку ноќ, заминување од екипата?

„Тоа беше наведено како една од причините! Да бидам искрен, заминувањето на Вујин непријатено нè изненади сите. Тоа е одлука која ја донесе сам. Со ништо ниту клубот, ниту јас како тренер или неговите соиграчи не придонесоа за да направи таков потег, но неговиот избор мора да се почитува. Јас како тренер имам свое размислување и мојата визија за тој натпревар со Пик Сегед беше без Марко Вујин, што не значи дека не беше планиран за следните натпревари. Како тренер штом сум се одлучил Чупиќ да игра, значи во моментот не сум бил задоволен од неговата игра или од она што тој требаше да биде во овој систем на Вардар. Знаете дека во Порто играше 60 минути и не гледам зошто некој играч би се налутил за тоа. Со неговото доаѓање во Вардар сите ние се обидовме да му помогнеме да се врати во некоја нормала и да се чувствува како дел од екипата и да придонесе со неговото искуство, но тој донесе таква одлука и треба да ја почитуваме, нема назад. Немам ништо лично против него, тој се најде повреден, со Михајловски спогодбено доби раскин на договор и клубот нема планови да го суспендира.“

СЀ ШТО ПРАВАМ Е ЗА ДОБРОТО НА ВАРДАР

Ваквата постапка на Марко Вујин, неколкуте ситуации на тајм-аут или во тек на натпревар кои ги видовме низ сезонава го поставија прашањето за тоа дали и колку можеш да се наметнеш како авторитет во екипата?

„Она што јавноста го гледа на било кој од тие тајм-аути, кои се премногу коментирани на порталите, мислам дека од мравка сакаме да направиме слон, не држат вода. Јас имам авторитет, а тој не го правам со фукцијата тренер, туку го правам со знаење и со се она што го работиме на тренинг, видео-анализи, комплетниот тренажен процес. Не знам како изгледа тоа од страна и не знам зошто јавноста мисли дека немам авторитет!? Без разлика што јас како играч не сум освоил Лига на шампиони, сум дал и тоа многу за Вардар и имам знаење, и тврдам дека постои взаемно почитување со играчите. Во ниту еден момент ниту јас како тренер, ниту играчите не сме се поставиле над клубот. Вардар е клуб со традиција, годинава слави 60 години од своето постоење, и ниту еден тренер досега, (ова ми е 13-та година во Вардар), ниту еден играч досега не смеел и не си дозволил да биде над клубот, без разлика како тоа изгледа од надвор. Можеби и целата оваа ситуација без публика придонесува за таков впечаток. Сите тие реакции на клупата повеќе да се чувствуваат… Глупаво е сам себе да се бранам, но немам од што и немам зошто да објаснувам дека јас имам некои несогласувања во тактиката. На сето тоа гледам како на дел од играта, кој како во моментот чувствува… Не сум деспот и тиранин, сакам да слушнам и друго мислење, демократски, но постои хиерархија и се знае дека на крајот на денот јас сум тој кој го има последниот збор. И јас се менувам, се трудам да бидам помирен, да се сменам од она што претходно бев со Еурофарм – темперамент на клупата. Ако тоа му дава на некој право да размислува поинаку од она што е – тоа е негово. Немам проблем ниту со его, ниту со суета и се што правам е за доброто на Вардар и за доброто на резултатите на Вардар.“

ИМПУЛСИТЕ СЕ НЕМОЌ ДА СЕ ОСТВАРИ АМБИЦИЈАТА

Дел од играчите во тимот, кои беа дел и од „златната генерација“ на Вардар, Дибиров, Чупиќ, а на последната прес-конференција и капитенот Стоилов го потенцираше тоа дека дел од играчите и натаму не знаат што значи да се носи дресот на Вардар. Што значат за тебе како тренер таквите констатации?

„Играчите кои беа двапати освојувачи на ЛШ се родени победници, луѓе со карактер, кои сакаат да победуваат и тие некои нагли реакции кои се гледаат на тајм-аут можеби се токму одраз на она што значи немоќ да се оствари амбицијата, да се победи. Мора да бидеме реални дека она што беше Вардар претходно и овој тим на Вардар се два различни света. Со овој кадар кој го имаме се трудиме во овој момент да извлечеме максимум. Она што сакаат да го потенцираат е пред сè со пристапот, карактерот и се она што треба да се даде во еден сериозен европски натпревар без разлика кој е резултатскиот императив. Не сакам да гледам назад, но Вардар бил и со многу послаб тим, ако се вратиме историски, но никогаш не дозволил да губи дома осум разлика од некоја екипа (освен оној тежок пораз од Кил пред две години). Во тој контекст се тие изјави – за карактерот, дека треба да се погледнеме. Направивме анализа и неколку констриктивни состаноци. Сега сме пред најважниот дел од сезоната и се она што сè случи треба да биде добра поука за она што нè очекува.“

ВО ВАРДАР НЕМА РАЗЕДИНУВАЊЕ

Алушовски една полусезона го водеше Вардар под водство на Сергеј Самсоненко, а сега продолжи и да работи по враќањето на клубот во рацете на Михајло Михајловски. Се обиде да направи и паралела.

„Можеби една од причините за сите овие работи за кои разговараме, тренерски авторитет, доаѓа и од моментот кога јас ја превземав екипата, во тие последни три месеци кога немаше пари. Се чувствуваа некои лоши односи, не внатре во тимот, туку во тренажниот процес. Не можев да ги натерам да тренираат, имаше некое нетипично однесување тренер – играч. Јас сакав да направам нешто, но некој од нив ќе ми речеше ’Ајде шеф колку пари, толку музика’. Тие месеци можеби се некој одраз и се чини дека работите се поинакви од тоа што се, но тврдам дека главниот збор го имам јас – кога станува збор за тактика и начин на игра. Она што се гледа на тај-аут е сугестија сè е во најдобра намера, но дека има разединување – НЕ. Разлика од тогаш и сега е во професионалниот однос и во работната атмосфера. Тогаш се чувствуваше тоа незадоволство од неподмирениот финансиски дел, и кога ќе им беше тешко ќе ми речеа ’Шеф денеска намали темпо’, додека сега функционираме нормално како здрав спортски колектив. Не менував ништо во системот на игра, само додадов некоја моја визија и тоа е Вардар денеска. Без разлика на сè му благодарам на претходниот сопственик Сергеј Самсоненко што ми укажа шанса да бидам прв тренер на Вардар. Тој е човекот кој препозна дека можам да бидам дел од тој Вардар тогаш, а секако Михајло сега ми ја дава потребната поддршка за да продолжам да работам со исто темпо.“

Почна ли Самсоненко да ги подмирува долговите?

„Последните информации се дека на дел од играчите кои не се веќе дел од Вардар, а имаат побарувања, си ги добиле парите. Почнал да ги подмирува долговите, но оние кои се во Вардар уште чекаат исплата, тоа се неофицијалните информации кои ги имам. Сите имаат документ со нотарска гаранција дека ќе си ги добијат парите и сакам да верувам дека така и ќе биде.“

ГИ ВРЕДНУВАМ САМО КРИТИКИТЕ И ПОФАЛБИТЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Стевче Алушовски постојано е на удар на незадоволните навивачи и спортската јавност и трпи големи критики за својата работа. Како ги воспримаш, дали допираат до тебе?

„Да бидам искрен не! Најважно ми е мислењето на претседателот, единствената поддршка или критика ја барам и ја чувствувам од него. Благодарен сум му за довербата која ја има во мене и слободата и поддршката која ми ја дава во комплетната работа. Многу значи кога имате некој кој ќе стои зад вас и ќе ви овозможи најдобро што може да си ја работите работата. Неговото и мислењето на луѓето во клубот ми се најважни, а некој коментар ако допре до мене, тоа е само мотив плус да продолжам со работа. Моите играчи за мене се најдобри и јас се трудам да го извадам најдоброто од нив, и без да сакам да омаловажам никого мора да бидеме објектини и да согледаме дека тој Вардар што двапати беше европски првак и овој, не се исти. И играчки и во буџетот. Нормално е нашите навивачи да не се среќни кога губиме, но треба да сме реални во очекувањата, според мене она што го правиме, особено по заминувањето на Вујин без класичен десен бек, со сите проблеми, повреди, ковид-19… Конкретна ситуација, подготвуваме тактика за Елверум со Јотиќ во тимот, четири дена анализираме, поставуваме напад-одбрана. На ден пред првиот меч Јотиќ има позитивен тест на коронавирус и за помалку од 24 часа и со само еден тренинг правиме нова тактика за противникот. Два натпревари со нов состав, нов концепт и освоивме три бода. За мене тоа е резултат на макотрпна работа на сите во клубот, па и моја на крајот… Свесен сум дека јавноста е незадоволна, навикнати се навивачите Вардар секогаш да победува, се трудиме и јас и претседателот и целото раководство да го донесеме Вардар во еден таков натпреварувачки ритам.“

ВАРДАР НЕ ЗНАЕ ЗА БЕЛО ЗНАМЕ

Што му недостасува на Вардар во моментов за да биде уште подобар?

„Имаме проблем со класичен десен бек, Векиќ е добар одбранбен играч, но поради недостаток на самодоверба не е на потребното ниво. Она што тој го дава на тренинг и она што го покажува на натпревар се две различни работи. Млад е и ќе треба време и мора да бидеме трпеливи. Ќе смениме нешто во играта, пред се во одбраната, затоа што има и простор и капацитет. Вардар е далеку од најдоброто што може овој тим да го даде и верувам дека тоа ќе го имаме во финишот на сезоната. Ќе биде напорно, пеколно! Март и април ќе бидат дури и потешки од февруари затоа што имаме згуснат распоред домашно првенство, Купот, СЕХА, Лига на шампионите, но нема предавање, Вардар нема да биде Вардар ако излезе со бело знаме. Се надевам дека од понеделник ќе бидеме комплетни, со Јотиќ и Мишевски и со репрезентативците и ќе може мирно да се подготвуваме за она што следи. Останува само да видиме каква ќе биде ситуацијата со Стоилов.“

Стандардно Вардар води битки на четири фронта, но кои се приоритетите?

„Одбраната на шампионската титула и Купот на Македонија, како и пласман на Ф4 во СЕХА, тоа се реални и објективни цели. Суперлигата не смее во ниту еден случај да се потцени, за секој противник ќе треба сериозна подготовка. Не е тајна дека Еурофарм Пелистер ни е главен конкурентот за титулата. На 28 март во Скопје е првото соочување, па ќе видиме каде стоиме. Пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, зошто да не!? Против Веспрем не сме тотални аутсајдери. Имаме два натпревари пред нас, нов момент во сезоната без право на грешка. Ние не сме оптоварени дека мора да ги минеме, тие имаат сигурно притисок од високи очекувања. Во спортот сè е можно, ништо не е случајно и за секоја победа мора да се избориме. Ќе пробаме да се бориме и да се носиме, ќе биде многу тешко, но јас не би бил тренер на Вардар доколку не сметам дека може достојно да им парираме. И во СЕХА Веспрем се наметнува како противник во четвртфиналето, но прво да видиме како ќе завршиме во група. Вардар треба да победува и ниту размислуваме, ниту правиме некакви калкулации. Кој ќе си дозволи Вардар да загуби од Нексе и Мотор за да го избегне Веспрем!? Тој притисок од јавноста, од клубот, очекувањата од претседателот? Ќе направиме сè да завршиме први во групата, дали тоа ќе биде доволно или не, ќе видиме.“

НАЈДОБРО БЕШЕ ЕДЕН ДА ЗАМИНЕ ОД ЕУРОФАРМ ОТКОЛКУ ПЕТМИНА

Како стратег на Вардар Алушовски е промовиран во јануари 2020 година, а претходно девет месеци беше дел од Еурофарм Пелистер кој го предводеше во европската премиера во Лигата на шампионите.

„Јас бев во плановите на Вардар со доаѓањето на Писонеро, Сергеј ми понуди да бидам негов асистент. Во тој период бев во Еурофарм Пелистер, кој првпат по 15 години ја врати Битола на елитната европска мапа. Игравме ЛШ и откако го комплетиравме играчкиот ростер и дефиниравме сè, добив понуда од Самсоненко, но морав да ја одбијам и мислам дека сум еден од ретките кои му кажал не, и не прифатив да бидам дел од стручниот штаб на Писонеро. Сакав се она што направив заедно со раководството на Еурофарм да го испочитувам. Благодарен сум му на Сергеј што ја сфати мојата позиција и уште тогаш беше договорено дека без разлика што и да се случува со Еурофарм, јас ќе бидам дел од Вардар во следната сезона. Се случи шест месеци порано, по спогодбеното раскинување на соработката со Еурофарм.“

„Целата приказна со Еурофарм Пелистер исто така беше случајност. Точно девет месеци го водев тимот. Кога дојдов дерби за Пелистер беше Пролет, не сакам никого да омаловажам и да навредам, но тоа беа амбициите. Потоа да се победи Металург и да се биде втор, со пласман во СЕХА и ЛШ. Таа сезона Вардар за малку не го изненадивме во Битола. Задоволен сум што за тие девет месеци видов и покажав дека можам и дека знам и еден од моите најдобри играчи од тој период е Филип Кузмановски. Во ЛШ тргнавме со амбиција да не губиме десет разлика од противниците, а на крајот на секој натпревар жалевме затоа што ги губевме во последен момент, со гол разлика. Но за секој клуб треба време и простор за да порасне, а Еурофарм некако скокна неколку скалила одеднаш. За мене е тоа успешна приказна и имав поддршка и доверба од луѓето во клубот без разлика што ние губевме онака како што губевме. Сега е веќе неблагодарно да коментирам дали сме биле недораснати тогаш, јас или екипата, за да направиме поголем успех. Како тренер се анализирав и ја барав грешката прво во самиот себе. Во еден момент почувствував дека луѓето од клубот не се задоволни од мојата работа, тоа го мислам во ситуација кога ќе победите голем клуб, а дел од играчите или дел од луѓето внатре се несреќни, тогаш малку сте погодени. Кога ќе почувствувате дека не сте со исти очи гледани од играчите во тимот, а тие притоа имаат поддршка од Управниот одбор, мислам дека најдобро е еден да замине отколку петмина. Јас не сум тип кој бара алиби и поради тоа реков доволно е! Разговарав со управата им реков дека гледам дека ова е лимитот со мене и да си побараат ново решение. Така заврши соработката по девет убави и за мене успешни месеци во Еурофарм Пелистер. Верувам дека заминав без да си ги затворам вратите таму.“

ОД РФМ ЗАМИНАВ БИДЕЈЌИ НЕ СУМ ЗА КАНЦЕЛАРИСКА РАБОТА

Разговор со Стевче не може да мине, а да не се навратиме на играчката кариера, репрезентативната, во кои има дадено и направено многу. Тој е дел од генерацијата кои ги прави првите чекори на самостојна Македонија, од првите официјални натпревари и првиот пласман на едно ЕП до врвот, односно петтото место на ЕП 2012 во Србија.

„Какви партизански почетоци се тоа (се смее). На ура сакавме да направиме нешто, од раководството до играчите, сите неискусни, единствено Пепи Манасков и Томче Петревски беа интернационалци… Кога ќе ми текне дека во ’99 едни подготовки во Маврово почнавме со само една топка. Фатив и од убавите времиња, од оние кои и сега ги има нашата репрезентација. Убави спомени се тие, но неспоредливи како небо и земја. Бев дел од почетоците, од континуитетот, од најголемиот успех – петтото место во Србија. Минав 21-година, а потоа против Португалија во Скопје ставив крај.“

Веднаш откако кажа крај, доби функција спортски директор на репрезентацијата.

„Да, 14 месеци бев спортски директор на националниот тим, веднаш по завршување на репрезентативната кариера. Во 2014 година во Федерацијата влегов со еден проект за ракометните центри како Битола, Прилеп, Велес, Гевгелија, Богданци, преку активностите на РФМ и со поддршка и соработка на локалната самоуправа преку СМАРТ програмата одново да заживеат. Проектот со голема амбициозност беше прифатен од претседателот Мукаетов и целта и желбата ми беше негова реализација, а не да добијам функција. Не сакав да бидам само фигура во РФМ, сакав да работам и да направиме пет регионални центри од кои ќе имаме база на деца и ќе ја црпиме иднината на македонскиот ракомет. Но многу малку од она што го предадов како проект беше реализирано и не бев среќен поради тоа. Не се пронајдов во функцијата на спортски директор на репрезентацијата, иако морам да потенцирам дека сум многу благодарен за шансата и дека за тие 14 месеци многу менаџерски се едуцирав и согледав еден поинаков начин на работа. Се разделивме пријателски и за мене тој период е една убава епизода, со која јас многу научив, но не можев да се навикнам на таа канцелариска работа и тука заврши соработката.“

 

МАКЕДОНИЈА ГО ОДИГРА СВОЈОТ НАЈДОБАР НАТПРЕВАР ВО ИСТОРИЈАТА

Верувам дека будно ги следиш случувањата во националниот тим, како ќе го искоментираш блескавото издание против Данска и селекторското деби на Кирил Лазаров?

„Македонија досега според мене не одиграла таков натпревар! Можеби во ’96 – ’97 кога играше генерацијата на Манасков против Хрватска како олимписки првак, но во поново време не сме виделе таков натпревар. Ова што го покажа Македонија на мечот со Данска е перфекција – многу малку технички грешки, извонредна одбрана, фантастичен голман, фантастичен напад, како по учебник како треба да изгледа репрезентацијата. Имаме светла иднина, имаме млади ракометари кои што можат, кои покажаа дека можат без разлика што се оспорувани. Мислам пред се на Талески, но мал дел од јавноста знае дека тој имаше проблеми со шутерското рамо во изминативе шест месеци и дека во последниве два месеци се обидува да се врати, а јас му давам шанса колку што можам.“

Колку оваа постава на стручниот штаб е она што и треба на Македонија?

„Кире направи тим од луѓе на кои им верува и кои долги години биле дел од врвниот ракомет и знаат како се работи и што е потребно, тоа е основното и најважното за мене. Кире е доволно мудар и паметен, да одбере, да состави и на крајот и да ја носи одговорноста за таквите одлуки. Уште на првиот натпревар се покажа дека е добро и се надевам дека сите заедно ќе се радуваме на понатамошен успех.“

Од негатива од 20 гола во Египет пред два месеци до овие плус осум против светскиот првак Данска, каде потфрли Брестовац и каде погоди Лазаров?

„Неколкупати потенцирав дека на ова СП отидовме тотално неспремни. Го знам тоа затоа што имам шест репрезентативци и знам кога и како беа повикани и мислам дека тука Данило погреши во изборот на играчи. Точно е дека голема е разликата од два месеци, разлика во неподготвеност, подготовки, но мораше и можеше многу повеќе во Египет. Неповикувањето на Манасков, Георгиевски, Стоилов замина неподготвен, Данило направи грешка што мислеше дека нема да се патува. Нема повеќе да зборувам, резултатите говорат доволно. Тактички секој тренер има своја визија и за тоа не може да дискутираме. Данило претходно, се до СП имаше добри резултати, но имаше лоши изјави дека играчите се со лимитиран капацитет. На мечот со Данска најдобро се виде дека не е така. Не може да се суди само од еден натпревар, а и реков не сакам да правам компаративна анализа на тактиките на селекторите. Се виде дека искуството на Миркуловски даде сигурност и во двата правци и лесно е (во наводници) кога имаш некој како него во тимот. Но уште еднаш ќе потенцирам дека дуелот со Данска во четвртокот е најдобриот натпревар кој некогаш Македонија го играла, од секој аспект, како треба да се настапува за национална селекција.“

САКАВ ДА ЈА ЗАВРШАМ КАРИЕРАТА ВО ВАРДАР, НО ЛИНО ПОВЕЌЕ МИ ВЕРУВАШЕ

Алушовски е што изгради играчки го направи на македонско тло, како дете на Пелистер, каде минува десет години и е дел од златната генерација, потоа таков статус има следната деценија во Вардар. Две години минува во Јафа Пролет, за крајот да го дочека во Металург. Желбата му била да се одјави во „црвено-црниот“ дрес, но на шега вели дека Михајло Михајловски е виновен што тоа не се случило.

„Десет години во Пелистер, десет години во Вардар, потоа две сезони во Јафа Пролет, и крајот на кариерата, последните три сезони се во Металург. За среќа или несреќа 25 години играв професионален ракомет. Не успеав да излезам надвор, во тие години тешко беше да дојдеш до интернационален статус, особено лево крило, незамисливо. Имав две шанси, во Загреб и во Брегенц, Австрија. Кога ја имав понудата за Загреб се разболев многу, имав нешто како сега ковид, 21 дена тешка бронхопневмонија и неспремен отидов да играм на ЕП во Италија и ми пропадна трансферот. За вториот со Брегенц мојот менаџер имаше караница со раководството на клубот и тоа пропадна иако договорот ми беше дома на маса. И така целиот играчки век го минав во Македонија, но имав убави години секаде. Сакав да ја завршам кариерата во Вардар, таму се гледав, но по вина на мојот сегашен претседател Михајло Михајловски, отидов во Металург (се смее). Се шегувам, тогашните стручни лица кои го водеа клубот сметаа дека не сум потребен и дека со 38 години нема да имам што да дадам. Лино Червар веруваше во мене и покрај годините и одиграв три одлични сезони. Сакаше да останам уште шест месеци потоа со екипата (Манасков беше повреден), но тоа стана премногу напорно за мене, секое загревање и со неполна 41 година ставив крај на кариерата. Имав понуда и за да бидам дел од неговиот стручен штаб, односно да му бидам помошник, но јас се одлучив за Федерација што ми беше голем предизвик.“

ОСТАНУВАМ ТРЕНЕР ВО ВАРДАР

По сето ова каде се гледа Стевче Алушовски следната сезона?

„Се гледам во Вардар и ќе бидам тренер во Вардар“, самоуверено вели стратегот и продолжува „Вардар сериозно и амбициозно размислува за следната сезона. Веќе сме во преговори и во завршна фаза на договор со познати ракометни имиња, но не би сакал да зборувам за тоа. Се мисли и се гради тим за иднината.“