Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ги очекува последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа против Кадетен Шафхаузен.
Десното крило Мирко Радовиќ вели дека нема да прават калкулации и тимот ќе го даде својот максимум.
„Нема калкулации од наша страна. Патуваме во Швајцарија да дадеме максимум. На првиот натпревар ремизиравме и имаме нешто да им вратиме. Во одлична форма сме, имаме пет победи во серија и сакаме хемијата да остане на ова ниво. Имаме одличен колективен дух, одиме да се бориме до последниот атом од силите, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно“, вели Радовиќ.
Швајцарскиот првак успеа да извлече реми на првиот меѓусебен натпревар одигран во Битола.
„На првиот натпревар покажаа дека не се предаваат, играат до последната секунда. Независно колку е разликата во наша или нивна полза, не го намалуваат „гасот“ и даваат сè од себе. Ќе биде одличен натпревар и од наша и од нивна страна и се надевам дека ќе им вратиме за првиот натпревар“, заврши Радовиќ.
Натпреварот меѓу Кадетен Шафхаузен и Еурофарм Пелистер ќе се игра утревечер од 20:45 часот во „ББЦ Арена“.