Европската ракометна федерација го одложи натпреварот од деветтото коло на групата Д во Лигата на Европа помеѓу Еурофарм Пелистер и Рајн Некар Левен. Причината е неможноста германскиот клуб да допатува во Битола, а целосно да ги испочитува мерките за заштита во ковид-криза донесени од германската влада.
Рајн Некар Левен мора во рок од 48 часа да пристигне во Македонија со негативен ковид-тест, да го одигра натпреварот и да се врати дома. Клубот од Бундеслигата не пронајде таква опција и побара од ЕХФ одложување, а со оглед на пополнетиот распоред на двете екипи до 2 март (дотогаш треба да се одиграат сите заостнати натпревари), битолчани ќе добијат службена победа.
„Лавовите“ на 21 февруари играат со Фуксе Берлин, додека на 28 февруари имаат меч против Минден. На 2 март ќе се сретнат дома со ГОГ Гудме, додека Еурофарм Пелистер на 27 февруари игра со Татран Прешов во СЕХА, а на 2 март ќе гостува кај Кадетен во Лигата на Европа.
Јасно е дека нема да има термин за да се одигра овој натпревар и бодовите службено ќе ги добие Еурофарм Пелистер.