Ракометарите на Еурофарм Пелистер се изборија за втора победа во Групата Д од Лигата на Европа откако денеска го совладаа составот на Татабања со 21:19 и на тој начин дојдоа до важни два поени во еден многу тежок натпревар.
Од почетокот на средбата двете екипи наметнаа игра во која одбраната и голманите дојдоа до израз. Сепак, откако беа потребни неколку минути за нападот на Еурофарм Пелистер да фати ритам и да успее да дојде до предност од пет гола.
После 1:2 во 4. минута следуваа 13 минути без примен гол и водство од 7:2 што не беше доволно за да може да се продолжи мирно односно да се оди во натпреварот сигурно до крајот. Место одржување на предноста се влезе во криза и во завршните моменти од првото полувреме гостите се вратија и дојдоа до еден гол негатива.
На одмор Еурофарм Пелистер имаше предност од 11:10 и ова најави интересно второ полувреме.
Во продолжението долго се бараше игра со која тимот од Битола ќе успее да дојде до предност со која ќе има мирно продолжение на средбата. Не одеше најдобро, но имаше контрола на предноста која се движеше од два до три гола.
Главно се играше тврдо односно и едната и другата екипа поголема концентрација трошеа на одбраната отколку на нападот, па немаше многу голови. Сепак, кога најмногу беше потребно Хендави успеа да одбрани и да не дозволи тимот од Унгарија одново да се врати во средбата.
На три минути до крајот и на плус три дојде до исклучување на Радовиќ, а гостите брзо намалија. Еурофарм Пелистер имаше 21:19, но имаше уште време за менување на работите. До крајот се одигра мирно и главно трошеше времето, па на крајот остана истиот резултат за два важни бода за составот на Еурофарм Пелистер во Групата Д од Лигата на Европа.
Двете екипи ќе се соочат и утре од 17 часот исто така во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.