Утре ќе се знае: Ќе патува ли Вардар во Париз – Ќе игра ли Металург со Тулуз?

Натпреварите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа во кои учествуваат екипи од Франција и тимови од земји кои не се дел од Европската унија утре би требало да дознаат дали ќе ги играат нивните натпревари, или пак истите ќе бидат одложени.

Ова е особено важно за Вардар и за Металург кои следната неделата треба да играат токму со екипи од Франција. Вардарци треба да му гостуваат на ПСЖ, додека Металург треба да биде домаќин на Тулуз.

Според она што го соопштија од Владата на Франција, тимовите кои доаѓаат на гостување од земји кои не се во Европската унија мораат во минат време во карантин. Истото важи и за екипите од Франција кои ќе патуваат во земји надвор од ЕУ. Тие при враќањето мораат да поминат време во карантин што никако не им одговара бидејќи имаат домашно првенство каде што нема да можат да одлагаат.

Поради овие причини ЕХФ веќе одложи две средби од во женска конкуренција. Одложени се дуели на тимови од Франција и Русија меѓу Звезда Звенигород и Париз 92 (Лига на шампиони), како и меѓу Кубан Краснодар и Флери (Лига на Европа).

Во ЕХФ чекаат до утре одговор од Владата на Франција околу тоа дали би имало некој друг момент околу карантинот. Доколку сè остане исто односно доколку од Франција не се измени ситуацијата со карантинот тогаш голема е веројатноста утре да има одлука на зелена маса за натпреварите кои се проблематични.

Засега нема никаква информација во која Француската влада би ја сменила одлуката, па ЕХФ е во неизвесност така што ќе мора брзо да се реагира бидејќи дел од екипите в понеделник треба да патуваат.

Покрај Вардар во еден од натпреварите е вклучен и Металург. Се работи за дуелот против Тулуз во Скопје, а клубот од Франција наводно ги откажал авионските билети и нема да гостува.

Инаку, проблематични се пет средби од Лигата на шампионите и Лигата на Европа во машка конкуренција кои треба да се одиграат следната седмица.

НАТПРЕВАРИ ЗА КОИ УТРЕ ЌЕ СЕ ДОНЕСЕ ОДЛУКА

ЛИГА НА ШАМПИОНИ

ВТОРНИК, 9 ФЕВРУАРИ

ПСЖ – ВАРДАР

ЛИГА НА ЕВРОПА

ВТОРНИК, 9 ФЕВРУАРИ

МЕТАЛУРГ – ТУЛУЗ

ЦСКА МОСКВА – МОНПЕЛЈЕ

СРЕДА, 10 ФЕВРУАРИ

МОНПЕЛЈЕ – ЦСКА МОСКВА

ПЕТОК, 12 ФЕВРУАРИ

ТУЛУЗ – ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ