Дарко Димитриевски кој настапува во шпанската Асобал лига со својот клуб Синфин Сантандер стигна до изненадувачка победа на гостински терен кај третопласиранта екипа на табелата, Ла Риоха откако се изборија за триумф со 27:23.
После зимската пауза Синфин одигра добар натпревар, а уште од стартот на мечот имаше предност која ја сочува до крај. Уште по првиот дел Синфин водеше против фаворитот со минимални 14:13, но во текот на полувремето имаше и четири предност.
И во вториот дел гостинскиот тим го контролираше натпреварот за конечна победа и големо изненадување. На овој натпревар Дарко Димитриевски успеа да постигне три гола, а поради три исклучувања за него натпреварот заврши во 51. минута.
Со оваа победа Синфин Сантандер го поправи бодовното салдо и побегна од опасната зона. Сега се наоѓа на 12. позиција со вкупно 11 бодови и е само два поени над зоната на испаѓање. Следниот натпревар Димитриевски ќе го игра веќе в сабота на домашен терен против екипата на Пуенте Хенил.