Тимот на Кадетен Шафхаузен одигра одличен натпревар против Рајн Некар и успеа да му откине бод на големиот фаворит во мечот кој заврши 30-30. Двата меѓусебни меча екипите ги играат во Швајцарија, а на првиот Рајн Некар формално беше домаќин.
Иако германскиот тим имаше комотно водство во првиот дел, 17-13, сепак швајцарскиот првак не планираше да се откаже и се бореше „лавовски“. Како одминуваше времето така Кадетен ја намалуваше разликата на Рајн Некар.
Во еден момент од мечот дури и поведе со 24-26, но ветераните Генсхајмер и Шмид израмнија на 26-26. Потоа се играше гол за гол, „лавовите“ имаа шанса за триуф, но Шмид не реализираше и резултатот остана 30-30.
Генсхајмер даде девет гола за РНЛ, а Марос постигна исто толку за Кадетен. Двете екипи утре во Шафхаузен ќе го играат вториот двобој. Во оваа група од Лигата на Европа се наоѓа и Еурофарм Пелистер, кој двете средби со Татабања ќе ги игра во Битола на 10 и 11 февруари.