Червар не му остана должен на Циндриќ: Лука е лажго, па Металург на мене ми нема вратено ништо

Препирката преку медиумите меѓу Лино Червар и Лука Циндриќ продолжува. Стратегот кој сега е веќе екс-селектор на Хрватска не остана должен и го искоментира излагањето на Циндриќ, а меѓудругото кажа и случувањата на релацијата со Металург.

Поранешниот тренер на Металург вели дека не земал голем дел од парите кои требало да ги добие од клубот од Автокоманда така што сега отвори и една друга приказна во расправијата која ја имаат со ракометарот на Барселона, инаку поранешен член на Металург и Вардар.

„Го доживеав тоа како лага. Нему наводно му е упропастена кариерата? Па мене Металург уште не ми има вратено ништо, должни ми се брдо пари. Не знам дали нему му ги вратиле, но знам дека мене не ми ги вратија. Циндриќ ја повлече приказната, но не гледам зошто го направи тоа. Го сакам и не се каам за ништо. Некои кои само што дојдоа до кислород ме нарекуваат губитник, но никој не може да ги сруши моите резултати. Плукањето не му служи на чест и не сакам да се вклучам во тоа. Никому не му пречам. Ако некому му направив нешто поради што не се чувствува добро, длабоко му се извинувам“, коментира Червар.

Во последната изјава Циндриќ спомена дека поради Червар и Металург изгубил пола година од кариерата, а тоа беше провокација за овие коментари на стратегот. Дали ќе остане само на ова останува да се види, но јасно е дека и двајцата имаат уште што да си кажат особено после случките на последниот Мундијал.

Циндриќ: Поради Червар и Металург изгубив половина година од кариерата!