Тимовите на Јуниор КВ и Струга го одиграа последниот натпревар од регуларниот дел од суперлигашката група А, кој заврши со победа на Јуниор КВ, 21-15.Домашниот тим од претходно беше во плеј-аут, гостинскиот во плеј-оф, па стружани ги одморија главните играчи и настапија со скратен ростер.
И покрај тоа, избраниците на Наум Танески одржуваа резултатска рамнотежа во првото полувреме, во два наврати и водеа со два гола разлика, но на пауза сепак се замина со нерешено, 9-9.
Бајрактаревиќ, Милутиновиќ, Димовски и Пешкирски со серија погодоци на стартот на вториот дел за 14-9, се чини го направија главниот чекор кон победата над Струга.
Во продолжение имаше многу промашувања на двете страни, но немаше дилеми околу тоа која екипа ќе ги собере бодовите од овој натпревар. Напролет, Јуниор КВ ќе игра во плеј-аут за опстанок во елитното друштво, додека Струга може мирно да ги крои плановите за плеј-оф и за следната сезона во Суперлига.
Најдобри стрелци кај Јуниор КВ беа Бајратаревиќ со шест, како и Пешкирски и Милутиновиќ со по четири голови, додека кај Струга, Јанкуловски даде пет, а Лакичевиќ четири.