Шпанскиот Адемар Леон, кој е следен ривал на Металург во Лигата на Европа, во лоша атмосфера го пречекува тимот од Автокоманда.
Адемар загуби на домашен терен од Ла Риоха со 25-27, а Маноло Каденас мораше да игра без класично лево крило поради повредата на Хозе Кариљо и позитивниот тест на Хаиме Фернандез.
Каденас не ги штедеше критиките кон своите играчи.
„Не одигравме на нивото на кое што треба да играат ракометари на Адемар Леон. Почнавме со многу грешки, без жар…Почетоците се секогаш тешки за нас…Се охрабруваме едни со други, но вака не можеме и не смее да играме на домашен терен“, вели Каденас за „Леон Нотисиас“.
На дуелот со Ла Риоха се истакна десното крило Перез Гонзалез со седум голови, а по четири постигнаа средните бекови Лучин и Суарез. Голманот Славиќ забележа 13 одбрани, а Гедбан имаше една интервенција.
Натпреварот меѓу Адемар Леон и Металург се игра во вторник во „Палатата на спортовите“ со почеток во 20:45 часот.