Ракометните вљубеници можат да здивнат и да ги очекуваат натпреварите во европските купови на кои треба да играат машките тимови од Македонија.
Веќе е познато дека средбите на кои ќе настапуваат тимовите на Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург ќе бидат пренесувани од страна на Македонската телевизија, а тоа значи дека ќе може да се следат средбите на македонските тимови во живо така што во време кога не може да се оди во сала може да се седи пред ТВ приемниците.
Добро се знае кој тим во кој куп игра и колку средби претстојат така што е сосема извесно дека ќе се следат средби и во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Инаку, ќе бидат пренесувани натпреварите и на домашен и на гостински терен.
Вардар веќе утре игра против Флензбург од 20:45 часот, а тоа ќе биде и натпреварот со кој стартуваат преносите на МТВ од средбите на македонските тимови во европските купови.
Еурофарм Пелистер и Металург играат во Лигата на Европа, а тие своите натпревари ќе ги стартуваат следната седмица. Поточно, Металург ќе стартува следната седмица на гостувањето во Франција, додека Еурофарм Пелистер ќе почека бидејќи дуелот против Татабања е одложен.