Ракометарките на Куманово уште еднаш покажаа дека се главни кандидати за освојување на титулата во Женската лига откако денеска имаа уште едно одлично издание и сигурна победа од 25:34 на гостувањето на жешкиот терен во Чаир во Скопје.
Чаир играше втор натпревар по ред со еден од кандидатите за највисок пласман и после силниот отпор и минималниот пораз во минатото коло против Металург, денеска против поквалитетниот тим на Куманово не можеше да стори ништо.
Натпреварот беше израмнет до резултат 11:11, потоа следуваше убава серија на Куманово од 5:0 што беше првото поголемо водство што го имаше една екипа. После кризниот период Чаир успеа да се врати и да намали само на минус еден, 16:17. Сепак до крајот на полувремето со два последователни гола Куманово обезбеди водство од 16:19.
На почетокот на вториот дел Чаир успеа да израмни, но потоа следуваше уште еден пад во играта на домашниот тим што беше одлучувачко околу победникот на натпреварот. Куманово направи серија 7:0 за високо водство кое немаше проблеми да го одржи до крај.
Одличен натпревар имаше Јована Кипријановска која беше најефикасна во тимот на Куманово со девет погодоци, Јанкуловска постигна пет гола, а по четирипати прецизно стрелаа Пецанова и Џамкиќ. Во тимот на Чаир, Анастасија и Марија Николовски со по пет гола беа најефикасни.