Вардар со минус три на одмор против Загреб во полуфиналето во Задар

Ракометарите на Вардар имаат негатива од три гола на одмор во второто полуфинале на 9. фајнл-фор во СЕХА лигата против Загреб. Шампионот на Хрватска води со 16:13 после првите 30 минути и ова е најава за возбудливо второ полувреме.

Од стартот на натпреварот се виде дека ова ќе биде израмнет дуел на кој може да се очекуваат поголем број на голови од она што е вообичаено кога се во прашање овие две екипи.

Почетокот мина во игра гол за гол при што нападите беа подобриот дел од двете екипи. Тоа донесе повеќе погодоци во првите 15 минути, но ниту еден тим не успеа да создаде предност.

Играчот кој го држеше Вардар во овој дел беше Кристијан Дисингер кој имаше четири погодоци од четири шута така што вардарци останаа во игра. Сепак, кога требаше да се притисне како да падна темпото на игра. Од 9:9 во 18. минута неколку грешки пред сè во нападот беа причина за пет минути да се отиде на негатива од 9:13. Недостигаа и одбрани на голманите така што и тоа беше причина за многуте погодоци.

После шест минути пауза од головите на Вардар конечно имаше два во серија, па се намали на минус два. Во финишот на првиот дел со два гола на Калараш се дојде и до 13:14 така што ова беше показател дека Вардар може да го издржи притисокот и да остане во игра. Тука улога имаше и Кантегрел кој собра две интервенции во два напади на противникот.

Сепак, не беше искористен напад за нерешени 14:14, па ракометарите на Загреб искористија шанса на одмор да заминат со предност од три гола. После 30 минути резултатот е 13:16.

Во овој период Кантегрел има три, а Ристовски две интервенции. Најефикасен во Вардар е Дисингер со четири гола, додека три има Анте Гаџа. По двапати прецизни беа Калараш, Дибиров и Вујин. Во ППД Загреб најефикасен после првото полувреме е Мандиќ со пет гола додека голманот Јандриќ има четири одбрани.