Македонскиот првак со минимален пораз на домашен терен од Нексе заминува на деветиот Фајлн Фор турнир во СЕХА лигата.
Овојпат вардарци потешко од очекувањата во новата корона сезона обезбедија пласман и континуитет благодарение на подобарата гол разлика во четвртфиналните дуели.
Се покажа дека составот на Стевче Алушоски има сериозни проблеми и многу тешко ќе парира на европските предизвици, но солидниот Нексе повторно покажа дека хрватскиот ракомет е квалитетен, а тоа особено важи за еден од предводниците на хрватскиот вицепрвак од Нашице, Халил Јагањац.
Тој по дуелот со Вардар во Скопје потенцираше дека иако покажале храбра игра во финишот потфрлиле и се исплашиле од победата над актуелниот европски првак.
Делувавме премногу преплашени. На отварањето на второто полувреме не успеавме да прекршиме резултатот. Сами сме виновни, Вардар се нудеше тоа можеа да го видат сите кои го гледаа натпреварот. Промашија неколку топки на празен гол во ситуација кога бевме седум на шест, и тука не успеавме да го искористиме тој момент. Имавме шест седум напади за да се одвоиме. Тогаш не успеавме, успеавме дури при крајот, но Вардар се врати. Ние во финишот направивме неколку почетнички грешки во одбраната и во моментов сум без зборови. Навистина не знам што се случи во последните пет минути од натпреварот. Ова не е прв пат, трети или четврти, така беше и во Хрватска. Водевме 27-22 и на крајот Вардар се врати и победи еден разлика. Така беше и тука Вардар во финишот беше подобар и заслужено оди понатаму. Ние самите сме виновни за елиминацијата.-изјави Халил Јагањац.