Веспрем со убедлива победа ја отвори новата сезона во унгарскиот шампионат, откако славеше над Будакалаш со 35-23.
Избраниците на Давид Дејвис имаа мали проблеми во првото полувреме со противникот, но по 13-12 дадоа три гола во серија за плус четири на пауза, 16-12.
Вториот дел беше само формалност, а стратегот на Веспрем им даде шанса на сите ракометари што беа во составот.
Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков беше стрелец на првиот гол за Веспрем во новата сезона, што е всушност прв гол во унгарскиот шампионат.
Тој постигна вкупно три погодоци. Веспрем во второто коло ќе се сретне со тимот на Балатонфуреди.