ИНТЕРВЈУ ИВАН ЧУПИЌ: Никој не може да ми понуди толку многу пари со кои ќе ме натера да заминам од Вардар

Иван Чупиќ е ракометар чие име нема некој во Македонија што не го знае. Уште ми поминуваат морници и ми доаѓаат солзи кога ќе се потсетам на таа едноставност со која го постигна победничкиот гол во Келн против ПСЖ и го однесе Вардар на кровот на Европа... Му рече на Самсоненко „земи ме мене ако сакаш да ја освоиш Европа“, а година дена подоцна во игра на судбината тој го даде погодокот за историската титула, која со златни букви стои во вардаровата историја, но и во историјата на македонскиот машки клупски ракомет.

И тоа не е сè! По сите подеми и падови, беспарица, турбуленции во клубот, тој е играч кој многу ретко се „отвора“ пред медиумите, но секогаш може да се види како има некој совет за соиграчите, поддршка, мотив… Помогна екипата да остане „мирна во главата“ кога беше најтешко и потоа во 2019 да приреди сензација и по вторпат во три години да ја освои Лигата на шампионите…И сега е тука, за да го води новиот Вардар со Столе, Тимур и другите…

„Реално единствената држава и за мене единствениот град и клуб на светот каде што можеш да издржиш година – година ипол без плата е Македонија, Скопје и Вардар. Ние никогаш не бевме оставени комплетно без пари, секој месец земавме нешто по малку, но кога ќе го собереш долгот за секој играч индивидуално и тоа за неколку години, тоа се многу пари. Македонија и Скопје се таква средина во кои можеше нормално да се живее иако имаше и моменти кога беше нервозно и стресно и за мене и за семејството. Но, со оглед на тоа дека се мирно и добро функционираше меѓу нас играчите, имавме некој издувен вентил во соблекувална, се шегувавме на наша сметка, црн хумор и се држевме заедно, тоа многу влијаеше на сите нас. Успеавме да задржиме некој мир во главата, успеавме да ги истуркаме тие тешки моменти, но тоа дека сме заедно во иста беља и ист проблем и дека си ја делиме маката правеше да биде полесно.“

Чупиќ имаше неколку понуди за заминување, најгласен во желбите беше Мешков Брест, но и покрај сите проблеми, тој одлучи да остане тука.

„Јас сум пред крај на кариерата, ми остануваат уште три-четири години и морам да почнам да размислувам дека крајот е близу. Бев во многу клубови, во многу држави, градови, сум работел со многу тренери. Дојдов во Скопје со 30 години и еве пет години подоцна уште сум тука. Кога сè ќе соберам и одземам, сите убави и лоши моменти, за мене и моето семејство тука се чувствуваме како дома. Начинот на живот, близу е до Хрватска, има повеќе време за одмор преку лето и зима, фамилијата може да дојде кога сака. Најважно тука не се чувствувам како странец. Сум играл во Шпанија, Полска, Германија, Словенија и знам како те гледаат, тука не е така. И спортското ниво, кој и што е Вардар, што претставува тој за Европа, за Балканот… Се чувствувам како Вардар да е мој, или на Столе, Тимур, Кара… Самсоненко кој беше шест-седум години тука или Михајло, кој е повеќе од 30 години во клубот. Едноставно го сакам клубот, го сакам градот и сакам да останам и да се изборам за подобро утре за некој втор-трет млад играч да има каде да тренира и од каде да направи нешто во кариерата. Имав понуди, но никој не може да ми понуди толку многу пари со кои ќе ме натера да заминам од Вардар. Факт е дека сум професионалец и дека играм за пари и морам да мислам на семејството, но никој не може да ми даде таква цифра да заминам од тука. Главниот момент никогаш не беше дали ќе останам или не, туку дали Вардар ќе опстане. До последна секунда се надевав дека ќе се случи она од пред година дена, дека Самсоненко ќе остане во клубот, но ете се сменија работите. Михајло превзема за да помогне. За мене, Столе и Тимур беше јасно дека остануваме, затоа што знаеме што Вардар ни даде сите овие години и сега сакаме да помогнеме. Вардар пак да биде сериозна екипа и откако ќе помине коронавирусот, се надевам дека пак ќе ја полниме „Јане Сандански“. Ќе имаме и убави, но и тажни моменти“ – потенцираше Чупиќ уште на стартот на разговорот.

САМСОНЕНКО БЕШЕ ВИЗИОНЕР

Сергеј Самсоненко откри дека при преговорите си му рекол „земи ме мене ако сакаш да освоиш европска титула“, имаше ли таков момент во преговорите со Михајловски?

„Михајло е реален човек и човек кој многу го сака Вардар, доколку не беше така немаше преку 30 години да биде претседател на клубот. Кога зборував со него темата беше што ќе биде најдобро за Вардар и што му е потребно на клубот за да остане приближно на нивото, пред доаѓањето на Сергеј – екипа која ќе игра Ф4 во СЕХА, која ќе мине група во Лигата на шампиони и која мора да има квалитет да го освои македонското првенство. Со Михајло не допревме Ф4 во Келн, туку и што значи македонската лига, која сезонава ќе биде многу интересна и многу убава за играње. Со Сергеј приказната беше поинаква. Сергеј беше визионер и човек кој како што се однесуваше во бизнисот, така и со Вардар, сакаше да биде најдобар. Вистина е тоа што го кажа Сергеј, кога преговаравме тој велеше дека сака да го види Келн, а јас му велев дека нема смисла само да се стигне до Келн и да бидеме таму како туристи… Вардар се обидуваше два-три пати да стигне до Келн и за него самиот пласман на Ф4 беше нешто големо. Јас тврдев дека ако тоа е големо тогаш можеш да замислиш само какво е чувството кога ќе го освоиш. И на крај се случи – во мојата прва година во Вардар и да одиме во Келн, и да го освоиме.“

И ти да го дадеш победничкиот гол против ПСЖ, оној кој го донесе историскиот трофеј. Делува како игра на судбината…

„Не знам! Првата титула за мене е многу проста. Ние имавме одлична екипа, одлична синхронизација, две-три ѕвезди, двајца-тројца млади играчи, двајца-тројца искусни играчи, одличен тренер… имавме сè. Таа година сите го сонувавме Келн и секој тренинг и секој натпревар беше подреден на тоа. Од првиот до последниот тренинг сè беше насочено кон таа цел. И ние знаевме колку сме моќни, но Европа не го знаеше тоа – дека во тој момент имавме најдобра екипа, која играше најдобар натревар и бевме поподготвени од сите други и имавме најмногу желба и глад. Имавме многу добри играчи кои никогаш немале шанса да се најдат на такво големо натпреварување и сите нè отпишуваа поради тоа. Немавме извикани имиња како Кил, Барселона, ПСЖ во тој момент. Но ние само го докажавме на терен она што веќе го знаевме – дека имаме добра екипа, добар тренер и дека можеме и да се носиме со сите и да ги победиме сите. Така и стигнавме во Келн и и покажавме на Европа. Имавме сè и искуство, и соблекувална, и енергија, и сила и на крајот докажавме дека имаме и квалитет.“

СЕ ПРОНАЈДОВ ВО ПРИКАЗНАТА НА ВАРДАР

Чупиќ е единствениот ракометар кој може да се пофали дека има две едноподруго титули во Келн, прво со Келце (2016), а потоа со Вардар (2017). Како првак на Европа се пресели во Скопје, но ме интересираше дали Келце се откажа од него или Чупиќ беше иницијаторот година дена порано да го раскине договорот со полскиот тим.

„Имав уште една година договор со Келце кога Сергеј дојде до една сериозна понуда, не само финансиски, туку и размислувања за тоа што сака и каде го гледа Вардар за три-четири години. Едноставно се најдов во тој проект повеќе од Келце. Таа година во Келце разговорите беа на ниво – 30 години, стар играч, сакаме млади играчи, повеќе Полјаци, помалку странци и иако тоа е голем клуб во кој секогаш се цели на Ф4 и титула, некако не верував во визијата на Таланд и Бертус. Од друга страна се надевав дека желбите на Самсоненко ќе се исполнат и не згрешив. Во последните четири години Вардар е трипати на Ф4, двапати го освои, а Келце еднаш заврши на четвртото место и толку. Мислам дека добро ја проценив ситуацијата.“

МИ НЕДОСТАСУВА ДРЕСОТ, ТУКА СУМ ЗА ХРВАТСКА АКО И ТРЕБАМ

За четири години освои три титули во Лигата на шампионите, дали чувствуваш дека си во зенитот на кариерата?

„Мојата кариера морам да ја разделам на два дела. Професионалниот дел, сите клубови за кои сум играл и мислам дека и на индивидуален план и на клупски имам направено многу големи работи и за тоа можам да кажам дека сум успеал како ракометар. Другиот дел е репрезентацијата – десет медали имам со Хрватска, но немам ниту едно злато. Ако не освојам, а не знам дали ќе освојам, не знам дали уште играм за Хрватска… Мислам дека никогаш до крај нема да можам да кажам дека кариерата ми е за ’одличен – пет’, ако не го исполнам и тоа со репрезентацијата. Ако се случи во блиска иднина да играм со Хрватска и да освојам некое злато со неа тогаш ќе можам да ја комплетирам кариерата и да кажам дека сум направил сè.“

Тоа значи дека ако Лино Червар те викне во репрезентација ќе се вратиш? „ДА“ – одговара Чупиќ.

Тој всушност е сам виновен што две години е надвор од националниот тим.

„Се изморив многу. Првата сезона во Скопје бев сам, семејството останаа во Загреб бидејќи се вратив доцна од Олимпијада и немав време да средам некои работи за нивниот живот тука. Одлучивме таа година тие да останат во Загреб, а јас во Скопје. Таа година многу ме истроши. 15 години сум во брак и никогаш не сум бил сам и многу ми беше тешко. Секој слободен момент го користев за да си одам дома, а имавме многу натпревари, многу патувања во Лигата на шампионите, со репрезентација, настап на ЕП во Хрватска… Морав многу да се откажувам и да ја жртвувам фамилијата во тие 10-11 месеци. Имав проблем и со коленото и премногу натпревари и во тој момент едноставно не бев подготвен во главата за такви жртви и морав од нешто да се тргнам… Хрватска многу ми значи и кога играм за неа или сум во еуфорија или сум во депресија и не можам да најдам баланс како во клуб. Си реков дека е подобро да се откажам и дека нема смисла да држам нечие место ако јас не сум 300 посто со главата внатре во селекцијата. Веќе две години не играм за Хрватска, секако дека го следам секој нејзин настап, навивам… Сега мислам дека ми фали нешто, ми фали Хрватска, ми фали дресот. Во последната пола година интензивно почнувам да мислам на тоа дека ако сум им потребен, ако се случи нешто, ако некој ме викне стојам на располагање и сакам додека можам да играм ракомет на ова ниво како до сега, да се обидам уште еднаш да освојам злато со Хрватска.“

РАКОМЕТ Е СЀ ШТО ЗНАМ ВО ЖИВОТОТ

Во изминативе две сезони многу често Чупиќ го гледаме како асистира од клупата или зборува на тајм-аут… Неговите зборови несомнено се добредојдени со оглед на скоро дведецениското искуство кое го има акумулирано, но се гледа ли себе си како тренер по завршувањето на играчката кариера?

„Рано е уште да кажам. Имам Б тренерска лиценца, сакам да земам и А. Ракометот ми дал многу во животот, одлично го познавам и сакам доколку имам можност да останам во него и по завршувањето на кариерата. Ракометот е мојот живот и мислам дека тоа добро го работам. Засега како играч, а потоа кога ќе одам во пензија мислам дека ќе можам да помогнам со моето искуство. Во која функција малку е несериозно и рано да се зборува. Сепак имам Б лиценца, ќе посетувам семинар и за А, за да имам некој документ и да бидам подготвен во случај кога ќе дојде крај на мојата ракометна кариера, тоа да не значи комплетен крај со ракометот, туку да останам во него. А, тоа што ме гледате како дофрлам од клупа е затоа што сакам да помогнам на екипата, без разлика дали сум во игра, на клупа, на трибини… Дали е на тренинг или во соблекувална, затоа што Вардар мора да победи на секој меч, а ние без разлика во каква функција сме, здрави, повредени, на клупа или на трибина мора да се обидеме на секој начин да помогнеме.“

СИЛАТА НА СОБЛЕКУВАЛНАТА

Чупиќ е главниот мотиватор во екипата!?

„Мотиватор – генерално, тоа е силата на соблекувалната. На моменти некој од играчите ќе каже нешто. Има натпревари пред кои се молчи и никој ништо не зборува, што е знак  за тоа колку е сериозна работата, моменти кога тренерот зборува. На секој меч сме како еден. Секогаш има некој јас, Столе, Кара, Раул… Некогаш ќе прочиташ нешто по весници, па ќе дојдеш ќе го прокоментираш тоа. Тоа е сила на соблекувалната и ние сме сами на себе мотиватори. Ние излегуваме на терен со мисла да не ги разочарам соиграчите и тоа ни беше нас доволно. Не се грижевме за противникот, си имаме своја цел и сите стоиме другар до другар за да направиш сè што тој не може денеска, а тој пак тоа ќе го направи утре за тебе. И по победа и по пораз исто е во соблекувалната. Зборуваме за мечот, секогаш се шегуваме, некогаш со повисоки тонови, некогаш со нормални тонови. Секогаш се останува по час – два без тренерот, анализираме, самокритични сме и меѓу нас зборуваме за она што може да го направиме, што е добро, што е лошо, но секогаш сами со себе.“

Колку соблекувалната значи за Вардар покажа 2019 година кога сите мислевме дека е крај на приказната, а играчите се затворија токму во таа соблекувална и ниту една тајна не излезе од неа. Некои тајни е подобро да останат неоткриени, но не можев, а да не дознаам што се случуваше на полувремето во полуфиналето со Барселона на последниот Ф4 кога Вардар губеше со -7… Кои зборови се кажаа, што е она што ги врати „црвено-црните“?

„Кој ќе не врати? Соблекувалната нè врати! Потежок разговор од обично, самокритичен. Прво зборував јас, потоа Столе, и на крај дојде Парондо да ни каже дека не треба да се ’тепаме’ затоа што според негово мислење ние играме добро, но не даваме голови. Излудев во тие моменти и му велам ’како може да играме добро кога губиме со седум гола разлика’. Заклучивме дека не може да паднеме без да испукаме куршум. Дојдовме до Келн, не знаевме ни сами како, без пари и сега да дозволиме Барселона да не победи за половина час и цел свет да ни се смее дека сме случајно тука!? Проработи инатот, победничкиот дух излезе на терен и потоа покажа тоа што покажа во трите полувремиња што следеа, второто со Барселона и двете со Веспрем во финалето… Екипата, инатот, победничкиот дух и соблекувалната. Дека другарите треба да си помагаат меѓусебно без разлика дали некој може или е повреден и дека тимот мора да личи како едно. Со таков разговор, кој не беше вака убав како што сега јас го раскажувам ја постигнавме целта. Излеговме од соблекувална и покажавме пред 20 илјади луѓе дека не сме тим за потсмев, туку сме сериозна екипа што има во себе нешто што немаше никој од останатите три тима во Келн…. На крајот тоа и ни ја донесе втората шампионска титула.“

„ЗЛАТНАТА ГЕНЕРАЦИЈА“ ИМАШЕ СЀ, ЗАТОА ЈА ПОКОРИ ЕВРОПА

„Златната“ вардарова генерација сега е распрскана низ Европа, но „црвено-црните“ нишки и натаму ги држат другарите во контакт. Лука Циндриќ е играчот со кој Чупиќ постојано комуницира и е најблизок од тој тим. Не можеше а да не се навратиме одново на 2017 година…

“Таа екипа имаше сè! Штербик беше 50 посто од екипата. Без голман не можеш ништо, а тој беше тука кога и да ни затребаше. Средни бекови Циндриќ и Карачиќ кои колку што беа слични во игра, толку беа и различни и го водеа тимот перфектно. На десна страна Алекс, финтер, шутер, многу разбира ракомет. Македа, за мене еден од најдобрите тимски играчи кои ги имам запознаено во кариерата. Тој дава 500 посто од себе и на тренинг и на натпревар, и пример е за сите што значи да бидеш дел од екипа. На десно крило  јас со Шишко. Добри другари сме и една од најтешки работи во моментов ми е што избрза и потпиша за Веспрем и не остана тука. Играв со многу добри играчи на мојата позиција и имав супер комуникација со сите нив и во клубови и во репрезетација, но со Шиш едноставно бевме толку различни секој со својата игра, а како тандем го дававме она што комплетно му е потребно на Вардар од десно крило. Тимур на левата страна – машина за голови, голгетерот на тимот, секогаш гладен за голови, мислам дека до 50-тата ќе ’забива’. Борозан на лев бек, кој таа сезона експлодира и секогаш кога ни беше тешко и кога требаше некој да даде гол, тој ќе го стореше тоа низ ѕид. Кањељас – играч кој не греши. Можеби е спор, можеби нервираше многумина, па дури и нас, но човек кој нема да загуби топка, нема да згреши во одбрана, секогаш знае каде му е местото, кај него не може да се најде грешка. Она што тренер го сака и што на екипата и е потребно, таа некоја сигурност и мир во играта, тренерот го ставаше во игра и тој ќе го испочитуваше тоа. Задна линија – три машини, Столе на свое ниво, капитен, борец. Марса, кој имаше свои моменти низ сезоната, цело срце го даваше за екипата, најголем  емотивец во тимот, на кого му беше најтешко кога ќе одигра лошо, затоа што со тоа мислеше дека ги изневерил другарите во соблекувалната. Самба, кој почна како трет пикер, дојде од Кил каде не играше ништо, за прво на Ф4 во Брест, а потоа и во Келн делуваше како некоја ’бразилска будала’ кој играше до крај. Секој од нас на иста позиција беше различен тип на играч и тоа Раул знаеше како да го искомбинира, изротира, што му одговара во моментот за да се добие противникот. Ние меѓу себе си бевме најголема конкуренција во позитивна смисла, но и најголема поддршка. Не смеам да ги заборавам Џамбо и Диви, кои беа големи и играчи и шегаџии, Абутовиќ кој прерасна во топ дефанзивец и без него ни беше тешко да составиме одбрана и за во македонска лига, толку многу ни значеше во одбрана. Недановски, кој ми беше цимер, кој беше позитивен дух, Мартин Поповски, кој исто така си имаше своја улога… една комплетна синхронизација од 20 луѓе која Раул и Давид ја водеа во тој момент, а ние ’кликнавме’ и бевме едно и во победи и во порази. Растевме и како екипа и како фамилија. Двата гола и со Барса и со ПСЖ не беше важно кој ќе ги даде. Од прв до последен гол најважна беше победата.“

 

НОВИТЕ ИГРАЧИ МОРА ДА РАЗБЕРАТ КАДЕ СЕ ДОЈДЕНИ

Кога вака се зборува за тимот од пред три години, првата мисла која доаѓа е што е со овој Вардар сега!? Останаа без трофеј во Струга, веќе претрпеа и втор пораз на пријателски меч од Еурофарм Пелистер, а за една седмица ги чека четвртфиналето од СЕХА лигата со Нексе.

„Многу работи треба да поправиме. Имаме многу нови играчи и соблекувалната треба да ’кликне’ како што треба, а и новите играчи да ги прифатат своите улоги. Доаѓаат од клубови каде имале поинакви улоги, а тука се бара нешто сосем различно од нив. Потребно е време за да разберат што е Вардар и каде се дојдени. Тука нема криење, секој мора да има улога и да превземе одговорност и да се префрли на она што значи да играш во Вардар. Повреден или не повреден, ме боли, не ме боли, можам – не можам… На крајот од денот во Вардар секогаш се оди на победа. Може добро е што ни се случи ова во Струга за да не врати каде што ни е местото. Дека не чека многу тешка сезона, со многу работа и дека мораме да се корегираме сите од прв до последен. Од одбрана, напад, транзиција, начин на размислување и кои се нашите цели. Ако сакаме во февруари, март да се доближиме до амбициите кои си ги имаме поставено.“

Дали тоа значи дека 29 август е премногу близу за да се надевате на СЕХА Ф4…

„Ние мора да одиме на Ф4 во Задар. Однапред ви велам без разлика како играме и во каква форма сме, а многу сме далеку од она што го сакаме, ние ќе одиме на победа и ќе играме на Ф4. А, во меѓувреме ќе работиме. Напите цели сезонава се Ф4 СЕХА и завршницата на македонска лига. Од секој меч треба нешто да научиме, нешто да поправиме и да продолжиме крваво да тренираме затоа што без крвава и тешка работа нема успех.“

НЕМАМ НАЈДРАГ ТРОФЕЈ

Безбројни трофеи има освоено Хрватот, и иако е емотивно врзан за секој од нив, се уште го чека омилениот…

„Немам омилен пехар. Како да имам? Чекам злато со Хрватска, а ако не се случи тоа, тогаш ќе изберам. Со секоја титула ме врзува убава приказна и спомени. Нема да изберам и не сакам да изберам. Ако го направам тоа подобро да не доаѓам на тренинг затоа што во тој случај сум загубил желба, а јас уште имам желба за играње и за освојување титули. Немам омилена титула ако ја имам тоа значи крај, а за мене уште не е крај.“

ФРАЕР ОД „СТАРА ГАРДА“

Со популарниот Чупко може да се комуницира само лице во лице, затоа што тој не е активен на социјалните мрежи. Не му пречи комуникација со фановите или кога некој ќе му пријде на улица или во кафуле за автограм или фотографија, но оваа „нова мода“ не е за него.

„Јас сум стара гарда, телефоните никогаш не ме интересирале. Имам смартфон ама не користам социјални мрежи. На почетокот на сите им беше тоа кул, фора, мене не ми треба. Ако сум можел 34 години без тоа, можам и понатаму. Имам лична комуникација со фановите. Кога некој ќе те застане на улица, во сала или некаде, ќе сака автограм, да се сликаме, тоа не ми е оптоварување. Тоа значи дека сум направил нешто добро. На крајот на денот сакам да имам мир, а без социјалните мрежи имам поголем мир отколку со нив.“