ЕХФ ги избра топ 10 трансферите во ЛШ, меѓу нив нема ниту еден нов играч на Вардар

Екипите кои во новата сезона ќе играат во Лигата на шампионите во машка конкуренција веќе се подготвуваат за стартот, а до првите средби има нешто повеќе од еден месец.

Веќе се направени трансферите, па сега останува само екипите да се подготват за новите напори.

И годинава имаше доволно звучни трансфери така што е сосема јасно дека и ова ќе биде неверојатна сезона доколку коронавирусот не направи нови проблеми.

Кои играчи се најдоа во Топ 10 трансфери може да се види во продолжение. Меѓу нив нема ниту еден играч кој пристигна летово во Вардар, но има еден кој си замина односно двајца со оглед на тоа што Даинис Кристопанс трансферот во ПСЖ го направи уште во времето кога играше за Вардар, а Фуксе Берлин беше само привремена попатна станица.

10.БОРУТ МАЦКОВШЕК (ВЕСПРЕМ – ПИК СЕГЕД)

Интернационалецот од Словенија одлучи после две сезони да се пресели во главниот конкурент на Веспрем. Го направи тоа во обид да дојде до поголема минутажа која тешко дека ќе ја имаше во Веспрем каде има многу поголема конкуренција на позицијата лев бек.

9.АДРИЈА ФИГУЕРАС (ГРАНОЉЕРС – НАНТ)

Двократниот освојувач на Европско првенство веќе ги покажа своите квалитети во дресот на Шпанија, па тоа беше доволно Нант да го ангажира како замена за Николас Турна на пивотменската позиција. Ова ќе му биде и одлична можност за игра во Лигата на шампионите, а ќе биде и колега на Кирил Лазаров.

8.МАДС МЕНСАХ ЛАРСЕН (РАЈН НЕКАР – ФЛЕНЗБУРГ)

Овој трансфер е доста несфатлив бидејќи после шест години минати во Рајн Некар каде редовно беше еден од главните одлучи да си замине. Тој е докажан победник и секогаш расположен за голови. Во него Флензбург гледа одличен разигрувач и голгетер.

7.ХОРХЕ МАКЕДА (ПИК СЕГЕД – ВЕСПРЕМ)

Поранешниот член на Вардар, кој две години мина во Пик Сегед одлучи да им се придружи на неколку поранешни колеги од „црвено-црниот“ дрес.  Македа е веројатно еден од најзначајните играчи кои Веспрем ги донесе во последните години бидејќи се работи за многу корисен ракометар и во нападот и во одбраната. Позицијата десен бек беше проблем во Веспрем, па со него се добива и на искуство и на квалитет.

6.СТАШ СКУБЕ (ВАРДАР – МЕШКОВ БРЕСТ)

Пред две години се приклучи на Вардар и со него „црвено-црните“ добија играч кој донесе квалитет плус. Успеа да го пополни местото кое се испразни со заминувањето на Циндриќ. Сега Мешков Брест во него гледа ракометар кој ќе донесе квалитет плус во играта и можеби квалитет за пласман на Ф4 турнирот.

5.НИКОЛАС ТУРНА (НАНТ – КЕЛЦЕ)

Пивотот од Франција уште пред една година го имаше визирано своето место во Келце. Се работи за еден од најголемите таленти на пивотменската позиција и играч кој веќе има едно финале на Ф4 во Келн од 2018 година.

4.ЛУК АБАЛО (ПСЖ – ЕЛВЕРУМ)

Можеби ова е најзвучниот трансфер ова лето особено поради тоа што од тимот на ПСЖ одлучи да се пресели во Норвешка во Елверум, состав кој е далеку од врвот на европскиот ракомет. Ова е веројатно трансфер за да се одржи во форма за Олимписките игри во Токио следното лето и тогаш да одлучи да се повлече од играњето.

3.БЛАЖ ЈАНЦ (КЕЛЦЕ – БАРСЕЛОНА)

Десното крило од Словенија, Блаж Јанц доаѓа на местото на поранешниот капитен на Барселона, Виктор Томас кој мораше да се повлече поради срцеви проблеми. Јанц е еден од играчите кои веќе се сместија меѓу најдобрите во светот така што со него Барса добива на нов квалитет.

2.ДАИНИС КРИСТОПАНС (ФУКСЕ БЕРЛИН – ПСЖ)

Играчот кој не можеше да ја дочека разврската во Вардар во „црвено-црниот“ дрес и си замина пред истекот на преодниот рок во февруари, не се наигра во Фуксе Берлин. Сепак, тој имаше обезбеден трансфер во ПСЖ уште претходно, но дефинитивно е еден од играчите кој е посакуван од многу тимови особено поради својата корпулентност и подвижност во исто време.

1.САНДЕР САГОСЕН (ПСЖ – КИЛ)

Би било навистина чудно тој да не беше трансфер број 1 ова лето бидејќи со квалитетот кој го поседува е навистина така. ПСЖ загуби одличен играч, а Кил добива ракометар околу кој ќе се движат сите работи во следните години.