Долги години македонскиот клупски ракомет е постојано присутен во европските купови, и нашите екипи постојано се дел од Лигата на шампионите. Тимовите вложуваат во екипите сакајќи да стигнат што повисоко. Вардар двапати беше европски првак, трипати по ред играше во Келн, Металург трипати играше во четврт-финалето и постојано e дел од групната фаза, Еурофарм Пелистер трета сезона по ред ќе игра во групна фаза, прво беше дел од Купот на ЕХФ, лани во ЛШ а сега ќе игра во Лига Европа.
Високото ниво на клупскиот ракомет се гледа и по петте титули на Вардар во СЕХА лигата, и плус едно финале на Металург. Сите тие резултати придонесуваат македонскиот клупски ракомет секоја сезона да биде поквалитетен и се повеќе екипи да покажуваат интерес за бидат дел од тој европски успех.
Тренерот на Еурофарм Пелистер вели дека сезонава домашната лига во Македонија ќе биде најсилна во регионот. Покрај Вардар и Еурофарм Пелистер као трет тим сезонава може да помати некому сметки и Металург.
„Целта на клубот е да се оспособат што е можно повеќе играчи, а тие да можат да играат европски ракомет, не само во македонската лига. Сезонава ќе биде најсилна во регионот дефинитивно. Сакаме да создадеме играчи кои ќе играат во Европа. Лигата ќе биде силна и македонските играчи мора да имаат квалитет и за да играат македонска лига, вели Жељко Бабиќ, тренерот на Еурпфарм Пелистер во интервјуто за 24ракометТВ.
Со тренерот Бабиќ разговаравме на различни теми, за квалитетот на тимот, за она што може да очекуваме од нив сезонава, може ли да се симне Вардар од тронот, ќе добијат ли македонските играчи поголема минутажа, ќе има ли уште нови засилувања во тимот…
Тимот се подготвува во Маврово каде треба да остане следните две недели. Планирани се настап на два турнири во Струга и во Грција. Како вице-првак ќе игра во групната фаза од Лига Европа, но засега се уште не ги знае противниците. Останува предизвикот и играњето во СЕХА лигата. Неколкумина нови играчи дојдоа во Битола летово вклучувајќи го и Хрватот Стипе Мандалиниќ, како најзвучно име.
Погледнете го целото интервју на Жељко Бабиќ.