Португалија продолжува да вложува во ракометот – 600.000 евра помош за клубовите!

Ракометната федерација на Португалија донесе пакет мерки со кои ќе ги поддржи клубовите за полесно да ја надминат кризата предизвикана од коронавирусот.

Пакетот мерки содржи директна и индиректна помош за клубовите во износ од 600.000 евра. Изменетиот модел на натпреварување во најдобрите лиги во машка и женска конкуренција треба да овозможи помали трошоци за клубовите.

Новиот модел по кој ќе се играат првенствата во Португалија предвидува помал број на натпревари, а со тоа и намалување на трошоците за организација, патувања и судиите и официјалните лица. Освен тоа таксите за регистрација на нови играчи ќе бидат намалени. Поддршката е проширена на сите членови во клубовите вклучувајќи ги и техничките лица.

Главната цел на поддршката од федерацијата на Португалија на клубовите е опстојување на многубројните проекти, задржување на бројот на ракометарите, а исто така и промовирање на ракометот и враќање на нивото од пред пандемијата. Федерацијата како олеснителна околност на клубовите ќе ги избрише помалите парични казни на клубовите од сезоната 2019/20.

Според донесените мерки за поддршка на своите клубови, португалската федерација уште еднаш потврдува дека сериозно работи на развој на ракометот што во последниве години дава резултати. Потврда за тоа е успехот на репрезентацијата на Европското првенство кога го освои 6 место, а исто така најдобрите клубови од земјата имаат значајни успеси во европските купови.