Булатовиќ го одложи крајот на кариерата за после завршницата во ЛШ!

Црногорката која настапуваше изминатава сезона во Европскиот шампион Ѓер, Катарина Булатовиќ имаше најавено дека ќе ја заврши кариерата по крајот на сезонава.

Откако поради коронавирусот завршницата во ЛШ беше одложена за во септември таа одлучи да остане во тимот сè до одигрувањето на завршниот турнир. Ова го потврди и директорот на клубот Чаба Барта, a и самата ракометарка, која објави дека го продолжи договорот со Ѓер до средината на септември.

„Сакав да заминам во пензија на крајот од оваа сезона, но за жал работите не испаднаа така како што посакував и искрено можам да кажам дека не сакам вака да ја завршам кариерата.  Ми недостигаа големи натпревари за крај. Со оглед на тоа дека завршниот турнир од Лигата на шампионите е закажан за средината на септември, а јас се чувствувам дека уште можам да играм ова е можност да си заминам од терените со настап на ваков турнир. Се договоривме да продолжам до средината на септември и драго ми е што клубот ми го овозможи ова“, вели Булатовиќ.

Ѓер останува главен фаворит за освојување на титулата Европски првак на која и е бранител, но најпрво во четврт-финалето ќе мора да ја елиминира екипата на ЧСМ Букурешт. Досега во кариерата Булатовиќ била европски шампион четирипати, со Шлагелсе, Будуќност двапати и Ѓер.