Репрезентативецот на Исланд, Арон Палмарсон потврди дека има намера да остане уште во Барселона. Иако неговиот договор истекува за повеќе од една година тој е во преговори за продолжување.
Палмарсон пристигна во Барселона во 2017 година, а сегашниот договор му важи до летото во 2021 година. Претходно Исланѓанецот играше во Веспрем со кој освои титули во унгарското првенство, купот на Унгарија и СЕХА лигата во 2016 година, додека со Кил освен што ги освои сите титули во Германија беше и европски првак во 2010 и 2012 година.
„Ги започнавме преговорите во февруари, ја добив првата понуда за продолжување на договорот една недела пред да започне кризата со коронавирусот. Засега преговорите се оставени настрана, сега има поважни работи за кои треба да се размислува. Ќе продолжиме после летото, многу тимови имаат тежок период и ова не е идеална ситуација за преговарање“, рече Палмарсон за медиумите на Исланд.
Палмарсон добро се снаоѓа во Барселона, тој е еден од клучните играчи во организација на нападите, има огромно искуство и целосна доверба од Чави Пасквал. Оттаму и неговата решеност да остане во клубот.
„Се чувствувам многу добро во Барселона и имам одличен однос со сите. Не ме загрижува фактот што не го продолжив договорот. Не сакам да размислувам за заминување, пред сè би сакал да останам овде“, заврши Палмарсон.