Периќ: Кизиќ и Гогов се иднината на Вардар и Македонија – моја обврска е да им помогнам да успеат

Екипата на Вардар го комплетира тимот за следната сезона, а покрај тоа што се работи на играчкиот кадар веќе е при крај и комлетирањето на стручниот штаб со кој ќе раководи Стевче Алушовски во новата сезона. За голманите и во новата 2020/21 ќе биде задолжен легендарниот Дејан Периќ, кој после успешната играчка кариера покажува дека може да биде еднакво успешен и како тренер на голманите.

Во својата прва сезона во Вардар тој докажа дека може одлично да ги подготви голманите, па под негово водство досега блесна Дејан Милосављев, а полека своето место го добиваат и Марко Кизиќ и Васил Гогов, кој стапуваат на сцена.

Периќ вели дека информацијата која во минатата седмица се појави дека останува во Вардар не протекла од него, но дека сега веќе е завршена работата околу неговата иднина и дека на негово задоволство, а на барање на Михајловски и на Алушовски тој останува дел од клубот и во иднина.

„Информацијата која се појави минатата недела веројатно беше од некои медиуми од Србија, но јас немав дадено никаква изјава бидејќи ова е навистина чувствителен период кога сите сме на пауза поради корона и поради ситуацијата во клубот. Јас дојдов во Вардар на инсистирање на поранешниот претседател Самсоненко кој направи многу за овој клуб. Сега е тука почесниот претседател на екипата Михајловски, кој се обидува да направи сè така што тој сака да останам и понатаму. И негова и желба на првиот тренер Алушовски е да продолжам со работа и понатаму во Вардар и овој клуб да остане конкурентен и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата и во домашното првенство“, вели Периќ за 24 Ракомет.

Најавува дека во новата сезона ќе се потруди голманите да го кренат нивото и верува дека ќе бидат дополнителна вердност на екипата.

„Јас никогаш не сакам да зборувам за нешто кое не е завршено. Никој не може да каже ништо без претходно да нема разговор со Михајловски. Тој се обидува да го сочува Вардар и овој клуб да биде и понатаму конкурентен на сите фронтови и да остане со високи цели. Сега можам да кажам дека мојата желба е да останам и понатаму дел од Вардар. Имав разговор со Михајловски. Според ситуацијата каква што беше на мене ми беше чест да бидам во Вардар, а ќе ми биде чест да работам во Вардар и во новата сезона. Верувам дека од моја страна ќе успеам да направам многу и со голманите да имаме уште успех. Ќе се потрудам голманското место да биде дополнителна вредност во тимот и да придонесеме колку може повеќе да привлечеме нови спонзори и да ја вратиме публиката во салата. Воедно и да се бориме максимално во сите натпреварувања во кои игра Вардар“.

Задоволен е и од тоа како напредуваат помладите и верува и во Кизиќ и во Гогов за кои смета дека се иднината не само на клубот туку и на македонскиот ракомет.

„Вардар навикна во своите редови да има светски имиња на голманската позиција. Сепак, Вардар имаше и анонимни голмани кои станаа признати имиња благодарение на настапите за овој клуб. Сега во екипата имаме двајца млади голмани, Марко Кизиќ и Васил Гогов. Се работи за голмани кои се иднина не само на Вардар туку и на Македонија воопшто. Тоа се млади момци кои се целосно определени кон она што го работат и се многу талентирани. Моја обврска е да им помогнам да успеат во тоа. Со Кизиќ работам веќе две години, а со Гогов една година. Драго ми е што можам да работам со така добри и скромни момци кои се на позиција која е многу убава, но некогаш е многу неблагодарна“.

Според него одлично е и тоа што во клубот се врати Борко Ристовски бидејќи секогаш е добро д се има еден искусен голман кој е признаен и на европско ниво бидејќи тоа значи особено многу за помладите и на тренинзите и на натпреварите.

„Ристовски е европски и светски признат ракометно голманско име. Не треба посебно да се зборува за неговото значење и за дополнителната вредност која ја има за клубот, како и за разликата која ја прави на натпреварите. Неговото искуство е максимално важно и за Вардар и за младите голмани бидејќи не се само натпреврите туку и тренинзите. Сè што е врзано за тренинзи, а тоа подразбира и учење и поддршка. Затоа секогаш е добро во еден клуб да се има врвен голман“.

За новиот голман има пофални зборови и верува дека ќе успее да се прилагоди и да биде причина за кревање на квалитетот на голманската позиција во клубот.

„Новиот голман кој доаѓа од Франција, Робин Кантегрел е момче кое има свои квалитети. Тој е во преоден период кога од млад голман се созрева во темпераментен и мотивиран голман за кого е чест да се биде тука во Вардар и со работа со квалитетни колеги да се наметне. Мислам дека во една долга година во која има многу натпревари во поголем број на натпреварувања е добро да се имаат квалитетни голмани за да може да се има ротација и оној што е нагол да ги оправда очекувањата и секогаш да биде поддршка за големите и за тимот“, изјави Периќ во интервјуто за 24 Ракомет.

Тој имаше две добри сезони во кои прво со Парондо имаа одлична соработка и во првата сезона успеаја да стигнат до тројна круна освојувајќи трофеи во Лигата на шампионите, СЕХА лигата и во Супер лигата на Македонија. Во последнава сезона Вардар беше на терен во трите натпреварувања и во игра, но не успеа да доврши поради коронавирусот.