Изминатиов период за време на кризата поради коронавирусот голем број ракометари и воопшто спортисти тренираат во домашни услови. Иако во најголемиот дел од првенствата сезоната е завршена ракометарите продолжуваат со тренинзи.
Учесниците во СЕХА лигата очекуваат термин за завршување на натпреварите. Останаа да се одиграат уште две реванш четвртфинални средби и завршниот турнир – Вардар против Нексе и Веспрем против Војводина. Можно е тие натпревари да бидат во склоп на завршниот турнир во Задар.
Директорот Синиша Остојиќ најави кога планираат да биде доиграна сезоната.
„Доколку екипите почнат со тренинзи на 1 или 15 јули ние мораме да им оставиме простор да се подготват. Затоа одлучивме да биде првиот викенд во септември. Не е реална опцијата да се игра во јули и август бидејќи е премногу топло. Планот кој го имаме е во септември кога вообичаено започнува СЕХА лигата да се одиграат заостанатите натпревари. Веднаш потоа за викенд да биде одигран и фајнал форот пред почетокот на новата сезона“, изјави Синиша Остојиќ, директор на СЕХА лигата.
Вардар треба да го одигра реванш дуелот со Нексе за да обезбеди пласман на завршниот турнир. Доколку се игра како што најавија во септември прашање е со какви состави ќе се спротивстават ривалите бидејќи на многу ракометари им завршуваат договорите со екипите.