Би сакал да го наследам Лино, се надевам дека повторно ќе ја водам Хрватска

Поранешниот селектор на Хрватска и сегашен тренер на Татран Прешов, Славко Голужа со неговиот клуб во Словачка остана без титулата откако првенството беше поништено, а клубот е распуштен.

Голужа во интервју за хрватски Спортнет ја коментираше ситуацијата во која се наоѓа клубот и истакна дека би сакал уште еднаш да се врати на кормилото на Хрватска како наследник на сегашниот селектор Лино Червар.

„Беше донесена одлука првенството да биде прекинато и да нема ниту шампион ниту испаѓање од лигата. Тоа нас најмногу не погоди бидејќи имавме голема предност пред конкурентите за освојување на шампионската титула. Го следам ракометот во Хрватска и сметам дека е потребно да се развива уште и да се бара потенцијал за во репрезентацијата која еден ден би сакал повторно да ја водам. Во овој момент Хрватска има селектор, Лино Червар безброј пати покажа дека е наш најдобар тренер. Логично ми е тој да ја води репрезентацијата на Олимписките игри во Токио. Со оглед на тоа што освоив три медали во пет години додека ја водев репрезентацијата имам право да се надевам. Во тоа време игравме одличен ракомет и никој не може да го оспори тоа. Секако дека повторно би сакал да ја водам репрезентациајта, особено сега откако имам искуство со работа и во клуб. Не е мое да се наметнувам, но хрватската федерација знае што можам да понудам“, рече Голужа.

Славко Голужа ја предводеше репрезентациајта на Хрватска од 2010 до 2015 година и во тој период освои бронзен медал на Европското првенство во 2012, Олимписките игри во 2012 година и Светското првенство во 2013 година.