„Карачиќ и Душебаев имаат понуди, но чекаат мој потег“

Ракометарите на Келце се согласија на намалување на платите за април, мај и јуни, но претседателот на полскиот тим, Бертус Сервас, не го соопшти процентот за кој ќе бидат намалени примањата.

За „Спортове факти“, Сервас вели дека немало никакви проблеми и договорот за намалување веднаш бил постигнат.

„Ситуацијата е јасна. Имав состанок со играчите и среќен сум што веднаш се договоривме. Ние функционираме како семејство. Како и многу клубови низ Европа, и Келце е погоден од корона кризата, со оглед на тоа што немаме никакви приходи. За три или четири седмици ќе биде позната ситуацијата во мојата компанија и можноста дали ќе можеме да обезбедиме финансии за следната сезона. Играчите ќе ме чекаат три или четири седмици, кога ќе имам повеќе информации за финансиите. Сите се чувствуваат добро овде и сакаат да продолжат. Андреас Вулф, Артем Каралек, Игор Карачиќ и Алекс Душебаев имаа понуди од други клубови на маса, но ми ветија дека ќе го чекаат мојот потег. Ќе ја анализираме ситуацијата во следните неколку седмици и ќе го планираме буџетот за следната сезона“, вели Сервас.

Тој потврди дека нема вистина во информациите дека Дидие Динар би можел да му стане помошник на Талант Душебаев, а наследниот на Зорман ќе се бара меѓу новите „пензионери“, Криштоф Лијевски и Мариуш Јуркиевич.