ЕХФ го активира планот Б: Вардар ќе биде елиминиран од Лигата на шампионите?!

Европската ракометна федерација на 25 март објави физибилити студија во која беа одредени новите термините за сите клупски и репрезентативни натпревари што требаше да се одиграат во март, април и мај, но поради коронавирусот нема да се одиграат.

Осминафиналните дуели во ЛШ треба(ше) да се одиграат на 3/4 и 6/7 јуни, додека четвртфиналните кон крајот на месец јуни. Сепак францускиот „L’equipe“  тврди дека ЕХФ веќе го активира „планот Б“, кој вклучува неодигрување на осминафиналните и четвртфиналните натпревари, и да ги испрати најдобрите четири екипи по групната фаза на завршниот турнир.

Тоа значи дека Вардар ќе биде елиминиран од ЛШ, но не на теренот. Истата судбина го чека и ПИК Сегед. Сепак за официјална потврда на ова треба да се почека до 24 април, кога ЕХФ најави нов распоред, или до 15 мај, кога најдоцна може да бидат одложени осминафиналните средби.

Доколку пандемијата со коронавирусот продолжи со ист интензитет и во следниот месец, завршниот турнир во Лигата на шампионите на 22 и 23 август во Келн ќе го сочинуваат Кил, Веспрем, ПСЖ и Барселона, додека во женска конкуренција би играле Ѓер, Мец, Брест Бретањ и Есбјерг на 5 и 6 септември во Будимпешта.