Франција сака да ја елиминира Македонија без бараж за СП

Ракометната федерација на Франција е решена двете сениорски репрезентации да ги одмори во текот на летото, но и двете да ги има на големите натпреварувања во декември годинава и јануари следната година.

Покрај предлогот да не бидат доиграни квалификациите за ЕП 2020 во женска конкуренција, има предлог и да не се играат ниту машките бараж дуели за СП 2021 во Египет. Тие сметаат дека на овој шампионат треба да се пласираат репрезентациите кои завршиле до 14. позиција на последното Европско првенство.

Добро е познато дека Македонија е противник на Франција во баражот за Мундијалот, а Македонија заврши на 15. позиција на овој шампионат. Ваков предлог значи елиминација на Македонија без шанса на терен да се бори за настап на првенството.

Предлогот дефинитивно нема да наиде на прифаќање кај поголемиот дел од селекциите особено оние кои се предизвикувачи во двобоите така што на ЕХФ ќе биде да донесе најдобра одлука за да се види кога би можеле да се играат овие дуели. Засега ситуацијата е дефинитивно неизвесна.