Французите предлагаат кои репрезентации да играат на ЕП – ама без Македонија

Сениорските репрезентации во женска конкуренција имаат уште четири кола од квалификациите за Европското првенство кое треба да се одигра во декември во Данска и во Норвешка. Сепак, проблемите со коронавирусот допринесоа натпреврите кои беа планирани за март да се одложат, а новиот теремин треба да биде од 3 до 7 јуни.

Сепак, веќе има противници на овие промени и ЕХФ се наоѓа во тешка ситуација бидејќи мора да најде начин како натпреварите да бидат одиграни. Селекторот на Франција, Оливие Крумбхолц го откажа собирањето на ракометарките и прашање што ќе се случува.

Поради пандемијата со коронавирусот планот беше четирите кола да бидат одиграни во пет дена и тоа турнирски. Секоја група да има свој домаќин, но очигледно нема да има ништо од ова.

„Нема да ги праќаме напите ракометарки на такви турнири. Дотогаш нема да биде одигран ниту еден натпревар на клупско ниво и нема што да бараме да играат за репрезентација“, велат од Ракометната федерација на Франција.

Од Франција дури дадоа и предлог како да се одберат учесниците на Европското првенство. Според Французите покрај домаќините Данска и Норвешка место треба да има и за: Холандија, Шпанија (Група 1), Унгарија, Црна Гора (Група 2), Германија, Словенија (Група 3), Русија, Србија (Група 4), Шведска, Чешка (Група 5), Хрватска, Франција (Група 6), Полска, Романија (Група 7).

Сите овие селекции имаат по четири бода од првите две средби и во Франција сметаат дека никој нема да може да ги достигне од противниците и затоа би требало квалификациите да бидат прекинати, а тие да играат на Европското првенство во декември.