Босанскиот интернационалец во редовите на Еурофарм Пелистер, Невен Стјепановиќ е многу блиску до потпис на нов договор со македонскиот вицепрвак. Тимот од Битола размислува за следната сезона без разлика како ќе се одвива ситуацијата со оваа и сака да биде конкурентен на домашна сцена и потоа и во европските купови и во СЕХА лигата.
Неговиот актуелен договор истекува на крајот на оваа сезона, а пред да се повреди беше еден од најдобрите стрелци на битолчани, па не чуди што му е понудено продолжување на престојот. Додека трае паузата во првенството раководството на тимот размислува за засилувања, за задржување на оние што им се потребни за формирање на силен тим.
Десниот бек заработи повреда на дуелот со Мешков Брест, по која настрадаа лигаментите од коленото и му беше извршена операција во Хрватска.
Процесот на рехабилитација траеше помалку од очекуваното, па иако прогнозите беа дека нема да заигра до крајот на сезоната, Стјепановиќ би можел да му помогне на Еурофарм Пелистер во завршните битки од сезоната, ако РФМ се реши да се доиграат натпреварите.