Истото се однесува и за мечот Веспрем - Војводина што треба да се игра во сабота во Унгарија. Засега не е во опасност ниту Ф4 турнирот иако ХРС објави прекин на сите натпреварувања до 1 април.
Натпреварите од четврт-финалето на СЕХА кои се предвидени за овој викенд ќе бидат одиграни според закажаното, па в сабота во Веспрем и в недела во Скопје ќе има натпревари со кои ќе биде комплетиран списокот на учесници за Ф4 турнирот.
Ова значи дека в недела од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ екипите на Вардар и Нексе би требало да го одиграат својот дуел. Тој треба да се игра без присуство на публика. Во Македонија веќе постои одлука за запирање на сите првенства, па и ракометното во период од две седмици, но за вакви меѓународни средби потребна е одлука од лигата. Од ЕХФ потврдија дека осминафиналните средби ќе се играа во предвидениот период, и нема да има одлагање.
Според информациите кои 24ракомет ги доби од канцеларијата на СЕХА лигата во Загреб, постоело барање за одлагање на натпреварот во Скопје, но се смета дека не постои толку голем ризик за да се загрозат ракометарите, па ќе нема проблем да се одигра средбата. Гостите од Хрватска ќе бидат во хотел и истиот нема да го напуштаат, а во салата нема да има присуство на публика што беше случај и на другите натпревари.
Проблем е и немањето на термини за играње на средбите доколку истите се одложат, па останува Веспрем в сабота да ја пречека Војводина, а в недела Вардар да игра против Нексе. Македонскиот првак победи на првата средба со 31-30 и е блиску до своето рекордно деветто учество меѓу најдобрите четири екипи кои ќе се борат за трофејот.
Засега терминот за Ф4 турнирот во Задар останува од 3 до 5 април, но сè ќе зависи од ситуацијата со корона вирусот. Постои можност за негово одлагање доколку не се смири постојаниот раст на новозаболени.
Во Хрватска е објавено дека сите ракометни натпревари се одложени до 1 април, а тоа се однесува на сите натпревари на кои играат нивни екипи и репрезентации, и каде треба тие да бидат домаќини.