Корона вирусот прави многу големи проблеми на спортските настани во Светот и Европа. Најконкретни мерки преземаа од раководството на Асобал лигата. На терените во Шпанија во наредниот период ќе нема натпревари и првенството во сите професионални и аматерски конкуренции ќе биде стопирано.
Ракометната федерација на Шпанија презема строги заштитни мерки за играчите против корона вирусот кој прави сè повеќе проблеми и на ракометните терени ширум Европа. Иако беше одлучено сите натпревари во наредните две недели да се играат без публика, федерацијата отиде чекор подалеку и го суспендираше првенството до 25 март.
Во наредниот период се очекува комисијата за натрепвари да го подготви распоредот со датуми кога ќе се одиграат одложените натпревари. Но многу зависи од развојот на настаните со ширењето на вирусот. Според сегашната ситуација неизвесно е дали ќе продолжи првенството и после 25 март.