Хорват како Голужа: Битола е ракометен град, чувајте го и негувајте го тоа што го имате овде!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во реванш натпреварот од осминафиналето на регионалната СЕХА лига славеа над Нексе Нашице со 24-22, но не се пласираа во следната фаза.

Тренерот на гостите, Хрвоје Хорват, смета дека во четвртфиналето оди посреќниот тим и во стилот на неговиот сонародник од Татран Прешов, Славко Голужа, подели комплименти за домаќините.

“Честитки за сите актери на денешниот меч. Треба да го чувате и негувате ова што го имате. Се гледа дека Битола е ракометен град и секогаш се доаѓа со респект овде. Во четвртфиналето помина посреќната екипа, се чини дека во финишот пресуди играта седум на шест”, изјави Хорват.

Голманот Морено Цар ја потенцираше поддршката од публиката.

“Одигравме одличен меч во одбрана, во нападот малку затаивме, но сепак и тоа беше доволно за следна фаза. Благодарност за навивачите што направија ваква прекрасна атмосфера”, вели Цар.

Следен предизвик за Хорват и неговите избраници ќе биде двобојот со Вардар.