Бабиќ: Во четвртфиналето оди посреќниот тим!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во реванш натпреварот од осминафиналето на регионалната СЕХА лига славеа над Нексе Нашице со 24-22, но не се пласираа во следната фаза.

Тренерот Жељко Бабиќ смета дека неговиот тим одиграл одличен натпревар, иако не обезбеди место во четвртфиналето.

“Честитки за Нексе, горд сум на своите момци и на клубот. Одигравме одличен натпревар со нашите навивачи кои не бодреа во текот на целиот натпревар. Денеска ништо не исгубивме, туку видовме што треба да поправиме во играта и како да се подготовиме за плеј-офот во македонската лига. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на сите навивачите за страста и љубовта кон овој клуб. Сметам дека во следна фаза оди посреќниот тим”, вели Бабиќ.

Десното крило Мирко Радовиќ е горд на начинот на кој играле тој и неговите соиграчи.

“Атмосферата беше неверојатна, горд сум на начинот што го претставивме нашиот клуб. Битола е ракометен град, но се надевам дека навивачите не одат разочарани дома, иако не се пласиравме во следната фаза”, изјави Радовиќ.

Следен предизвик за Жељко Бабиќ и неговите момци ќе биде разигрувањето за титулата во Супер лигата на Македонија.