Екипата на Магдебург мораше добро да се испоти за да стигне до првата победа во главната фаза од Купот на ЕХФ. Совладан беше тимот на Горење со 32:26, кој го елиминираше Металург во двомечот за пласман во групната фаза.
Бундеслигашот одлично го отвори натпреварот поведе со 5:2 и го контролираше мечот. Во 20. минута Магдебург имаше двојно повеќе голови од противникот, беше 12:6. Сепак до крајот на првиот дел Горење успеа да ја намали негативата на само два, 13:15.
Горење после одморот започна да игра подобро, успеа да ја стопи предността на Магдебург и да поведе со 18:17. Но тоа беше се што направија, Магдебург повторно го подигна нивото на игра, ја зацврсти одбраната и брзо го врати резултатот во своја корист. Во последните пет минути домаќинот влезе со пет редност, 27:22 и немаше проблеми да го приведе мечот до крај и да ја оствари првата победа во главната фаза од Купот на ЕХФ.
Филип Кузмановски настапи на натпреварот и имаше добро издание во одбраната, а успеа да реализира еднаш од четири обиди обиди во напад. Најефикасен во составот на Магдебург беше Петерсон со девет погодоци, а во екипата на Горење пикерот Бојаниќ беше најпрецизен со пет гола.