Екипата на ЦСКА Москва имаше лесна задача во Женската лига на Русија. На домашен терен составот во кој игра Сара Ристовска оствари убедлива победа од 34:23 над Ставропол.
Дополнително олеснување за тимот на ЦСКА Москва беше што за противникот ова беше трет натпревар во пет дена. ЦСКА силно влезе во натпреварот и многу рано имаше убедлива предност, во 13. минута беше 9:1.
До крајот на дуелот ЦСКА Москва рутински стигна до победата, а половина од головите ги постигна од контра напади. Сара Ристовска имаше одлично изание и постигна четири погодоци од пет обиди.
Со оваа победа ЦСКА се израмни со Лада на втората позиција на табелата во првенството на Русија со по 24 бода. Водечка на табелата е екипата на Ростов со максимални 32 бода од 16 натпревари.