Српскиот плејмејкер Тихомир Додер, кој помина седум години во Македонија, од почетокот на оваа сезона ги брани боите на тимот од Асобал, Морацо Кањас. Додер има 40 години, и натаму е активен како ракометар во една од најдобрите лиги во Европа, иако во ланската сезона во Израел имаше двојна улога на играч и тренер.
Додер потекнува од школата на Југовиќ Каќ, а по заминувањето од Србија за првпат станува интернационалец во Кањас, каде мина четири сезони, две во Сегунда Дивизион, а две во Асобал лигата. Следува камбек на Балканот, во дресот на Вардар мина шест години и остави одличен впечаток. Србинот беше во „црвено-црниот“ тим до 2012 година, пред да се пресели во Металург.
Околу тој трансфер се крена многу прав, а дојде и до кавга меѓу Веселин Вујовиќ и Лино Червар. Проблемот беше во тоа што за време на сезоната Металург го договори трансферот, па откако се дозна за ова Вујовиќ беше лут и се обидуваше да ги расчисти сметките во Лино Червар после тренинг во салата „Борис Трајковски“ пред пресметка во СЕХА лигата. Додер одигра само една година во редовите на Металург и си замина откако не ја доби минутажата и улогата која што се очекуваше.
Следуваше преселба во Израел, а таму играше две сезони за Хапоел Ришон Ле Зион, две мина во редовите на Хапоел Ашдод, додека последните две настапуваше во Макаби Кирјат Моцкин. Таму освен играчка, имаше и тренерска улога. Сепак наместо крај на кариерата, тој се реши за нова авантура и камбек во Шпанија.
Тимот на Кањас, каде што играше четири години, му е добра позната средина па немаше проблем со адаптација. Со оглед на години, веројатно ова ќе биде последниот клуб на Додер во кариерата.