Со победа од четири голови разлика (28-24), и повеќе постигнати погодоци на гостински терен, по минатонеделниот пораз во Нашице (30-26), португалскиот претставник Бенфика обезбеди пласман во групната фаза од ЕХФ Купот.
Елиминиран е хрватскиот вицепрвак Нексе, а драмата од овој двобој својата завршница ја имаше во последните две минути од возвратниот натпревар. До тогаш Нексе полека чекореше кон ЕХФ Купот, но одбранетитот пенал на Борко Ристовски на минута и пол до крај, беше иницијалната каписла која ја врати надежта кај играчите на Бенфика.
Од минимална предност од два гола која домаќините ја одржуваа низ натпреварот, благодарение на двата погодока на капитенот на португалскиот претставник Паоло Морено и грешката во напад на Халил Јагањац, Бенфика со четири голови предност дојде до прагот на групната фаза.
Со помалку од девет секунди до крајот на овој двобој еден гол одлучуваше сè. Наместо брзо изведена акција за хрватскиот вицепрвак, Морено на недозволив начин, мина низ центарот на теренот во полето за изведување слободен удар и го попречи изведувањето на последниот напад за Хрватите. Следуваше црвен картон и досуден пенал за гостинските ракометари. Прецизен удар во мрежата на Бенфика би го одвел Нексе во групната фаза на ЕХФ Купот, а промашување е еднакво на елиминација.
Во самиот финиш затрепери раката на искусниот Иван Думенчиќ. Соочен со Борко Ристовки на спротивната страна тој од линијата за седум метри упати непрецизен шут кој се одби од пречката за големо славје на Бенфика и печат на пласманот на Португалците во групната фаза…