Тимот на Металург пред важниот натпревар од третото квалификациско коло во ЕХФ Купот остана без тренер!
Зоран Кастратовиќ по натпревар со Вардар Јуниор од Суперлигата, кој металурзи го добија со судни маки со 31-33, им го најавил своето заминување од клупата на тимот од Автокоманда веднаш по завршување на средбата во СЦ „Јане Сандански“, а причините не се познати. Ќе треба и Управниот Одбор на повеќекратниот македонски првак да се изјасни дали ја прифаќа неговата оставка, и дали со неговото останување ќе има некои други промени во тимот.
За утре е веќе закажан состанок меѓу Кастратовиќ и управата и спонзорот на клубот на кој треба да се разговара за причините за ваквата одлука и да се најде решение. Веднаш по натпреварот и соопштувањето на одлуката на Кастратовиќ во соблекувалната на играчите, дел од нив заедно со раководството имали разговор со тренерот обидувајќи се да го одоброволат да не се избрзува со тоа што е најавено и да се почека дури не се одржи состанокот со спонзорот на клубот.
Кастратовиќ дојде на местото на српскиот стратег Дамир Стојановиќ, кој доби отказ по само еден месец на кормилото на Металург. Кастратовиќ досега имаше само еден нерешен резултат во Суперлигата, против Охрид, а на другите мечеви беа забележани победи. Видливо беше дека Кастратовиќ внесе нова свежина во тимот и пред се поголема дисциплина и огранизираност во играта што секако треба допрва да донесе резултати.
Клубот размислува и бара нови играчи со кои би се засили, со цел да може во пролетниот дел од сезоната да му парира пред се на Еурофарм Работник во борбата за второто место што води во СЕХА лигата каде тимот од Автокоманда играше седум сезони и двапати беше дел од Ф4 турнирот. Лани не успеа да го освои второто место и затоа игра во Купот на ЕХФ и плус во домашното првенство.
Веќе во недела е реваншот од Купот на ЕХФ против Горење Велење, па утре треба и дефинитивно да се знае дали Кастратовиќ ќе ја повлече одлуката или клубот ќе треба да си бара нов тренер.