Тимот на Еурофарм Работник, кој се уште чека комплетирање на документацијата за да може да игра под новото име, Еурофарм Пелистер, го очекува нов натпревар од регионалната СЕХА лига, а гостин во Битола ќе биде Загреб со Веселин Вујовиќ.
Тренерот Божидар Мојсов верува дека неговиот тим може да биде рамноправен со ривалот.
„Сите знаеме кој ривал ни доаѓа утре. Доаѓа млада и мотивирана екипа, предводена од играчката и тренерска легенда Веселин Вујовиќ. Тој е човек што знае како да ги мотивира младите ракометари, играат агресивно и многу добро. Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал. Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка“, изјави Мојсов.
Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Загреб се игра утре со почеток во 17:15 часот.